Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

22. CINEDAYS Фестивал на европски филм: Повеќе од 40 филмски наслови, отворање и затворање со македонски филмови

Меѓународниот фестивал на европски филм – CINEDAYS, годинава се одржува по 22 пат од 13 до 18 јули. Како прецизно одбрани кадри се поредени повеќе од 40 филмски наслови со кои повторно Скопје ќе живее во филм во фестивалскиот период.

Под годинешниот слоган „Муви најт“, летните скопски филмски вечери ќе ги пресретнуваме во паркот зад Младинскиот културен центар, киното Фросина и летното кино на отворено во Кинотека.

„Две децении CINEDAYS го гради угледот на квалитетен меѓународен филмски фестивал, единствен домашен фестивал акредитиран од ФИАПФ, но годинава со исклучително намален буџет. Сепак професионалноста и ентузијазмот на тимот на МКЦ направи одлична програма со која не отстапува од своите големи и високи фестивалски амбиции, програма која ќе го направи и овој CINEDAYS ремек-дело со филмска програма, која повторно директно ја увезуваме од Кан, како први од сите фестивали во Европа“ – истакнува Маргарита Арсова, програмски координатор на CINEDAYS.

Маргарита Арсова и Филип Николовски, програмски координатори во МКЦ

Отворањето и затворањето на 22. CINEDAYS е во знак на македонските режисерски имиња.
Филмот „М“ на Вардан Тозија својата светска премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Кан, во рамки на маркетот за филмски професионалци и на Берлинскиот филмски фестивал, а макеоднската премиера е за отворањето на CINEDAYS, по што од септември филмот го започнува својот киноприкажувачки и фестивалски живот.

Дел од екипата на филмот „М“

-Филмот „М“ е дистописка приказна за осумгодишниот Марко, кој живее со верување за заштитничките моќи на својата магична шума, не знаејќи за постоењето на светот надвор од неа. И покрај контролата на неговиот строг татко, детската љубопитност го води до преминување на границите – изјави режисерот Тозија. Тој посочува дека филмот е снимен пред три години, но поради бројните предизвици, дури сега се случува неговата премиера.

Сценариото е потпишано од Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек. Улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Оливер Митковски, Владимир Тулиев… Продуцент на „М“ е „Фокус покус филмс“ од Скопје во копродукција меѓу Хрватска, Косово, Луксембург и Франција.

Затворањето на фестивалот CINEDAYS е повторно со македонска премиера, филмот „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски.

И годинава натпреварувачката програма на CINEDAYS е селекција на Бернд Будер. Во фестивалската програма ќе видиме светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во Официјална селекција, Гала програма, SEE програма, МК Shorts (кратки филмови) и Ретроспектива на филмови посветена на Дејвид Боуви како актер.

„Она што е обединувачко за ова издание на фестивалот е компакната програма во која ќе погледнеме наслови на Вим Вендерс, Кен Лоуч, Нани Морети, Аки Каурисмаки, Франсоа Озон, Александар Сокуров… Новиот филм на Горан Столевски, а имаме и пет премиери на македонски кратки филмови. Поради буџетските рестрикции програмата е тесно селектирана на сметка на квантитетот за да извадиме што подобар квалитет“ – истакна Арсова.

Со огромно задоволство го најавуваме мастеркласот на нашиот Митко Панов и прикажување на филмот „Сведок“, а овогодишната програма на CINEDAYS предвидува и дополнителни два мастеркласа, на Јуре Матичич, програмски раководител на „Местни кино Домжале“ Словенија и гуруто за презентација и „пакување“ на филмови Габриеле Бруненмајер, која работи како независен консултант за Мидпоинт институтот.

Исклучително внимание обрнуваме на работилниците – правата е именувана како „Self-Tape и онлајн-кастинг во дигиталната ера“, а ќе ја држи Луси Ленокс, наградувана кастинг-директорка, а втората работилница е „Основи на филмскиот јазик“, наменета за деца до 15 години, која ќе ја води Саша Станишиќ, дипломиран филмски и тв-режисер.

На Синема форумот годинава ќе се разгледуваат новите предизвици на кинодистрибуцијата, за да се иницираат нови начини за подобрување на дистрибутерската и киноприкажувачката дејност и да се разгледаат можностите за иновации и развој на нови бизнис-модели.

Mузичката програма на фестивалот CINEMUSIC годинава го најавува концертот на скопскиот бенд Културно-уметнички работници, кој неодамна го издаде својот седми албум, потоа Педро Кастиљо и белградскиот експериментален бенд Визељ.

Билетите за CINEDAYS ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови. Фестивалот е поддржан од Кинотека на Македонија, Публицис, Скопска пивара, ЕУ за ТЕБЕ, Неотел, Гете институт, Агенцијата за филм на РСМ и Град Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен