24 март последен рок: САД дозволија преговори за продажба на НИС, но без работа на рафинеријата

Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии на САД (OFAC) ѝ издаде нова лиценца на Нафтената индустрија на Србија (НИС), со која се продолжува рокот за преговори за продажба на рускиот сопственички удел до 24 март, но без дозвола компанијата да продолжи со редовно работење, јавуваат српските медиуми.

И покрај продолжувањето на лиценцата, НИС нема право да врши комерцијални активности во овој период, што во практика значи дека рафинеријата останува нефункционална сè додека не се постигне договор за целосно повлекување на руските акционери.

Како последица на американските санкции воведени поради руската инвазија врз Украина, НИС од 9 октомври не може да прима сурова нафта. Вашингтон инсистира на целосно излегување на руската страна од сопственичката структура на компанијата, каде што руските акционери поседуваат 56,15 проценти.

Поради одолговлекувањето на преговорите за потенцијална продажба, рафинеријата престана со работа на 25 ноември. Српските власти тврдат дека снабдувањето со нафтени деривати засега е обезбедено, но само до крајот на јануари.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека продолжувањето на лиценцата за преговори до 24 март „не значи многу за Србија“, бидејќи проблемот со снабдувањето со гориво мора да се реши итно.

„Имаме гориво до 15 јануари, можеби и до 25 јануари, но потоа ситуацијата станува многу сложена“, изјави Вучиќ, додавајќи дека американските претставници јасно ставиле до знаење дека не прифаќаат руска сопственост во НИС.

Според аналитичарите, Србија се наоѓа под зголемен притисок во пресрет на рокот од 24 март, бидејќи без договор за сопственичката структура, енергетската стабилност на земјата може да биде сериозно загрозена.

Зачлени се на нашиот е-билтен