Најавата на СДСМ за 4 дневна работна недела не доаѓа како изолиран политички слоган, туку како обид македонската дебата за трудот да се помести кон европските трендови што веќе сериозно се тестираат и применуваат. Во време кога сѐ повеќе млади размислуваат за заминување, а дел од тие што се во странство бараат услови за враќање, пораката на опозицијата е дека државата мора да понуди помодерен однос кон работата, времето и квалитетот на живот.
Идејата за пократка работна недела веќе одамна не е маргинална во Европа. Во Белгија е овозможено работната недела да се организира во четири дена, како дел од пошироките политики за поголема флексибилност, додека Исланд стана еден од најцитираните примери откако тестирањата покажаа дека пократкото работно време може да донесе подобра благосостојба на работниците без пад на продуктивноста. Во Португалија, пак, пилот-проектот за четиридневна недела доби позитивни оценки од голем дел од компаниите што учествуваа.
Во таа смисла, пораката што ја испраќа СДСМ е дека и Македонија не треба вечно да остане заглавена во старото сфаќање дека повеќе часови автоматски значат и повеќе резултати. Современите европски искуства покажуваат дека работниците кои имаат повеќе време за семејството, одмор и личен живот често се помотивирани, поконцентрирани и поефикасни. Токму затоа четиридневната работна недела сѐ почесто се гледа како мерка за подобар баланс, подобро ментално здравје и посилна лојалност кон работното место.
За македонски услови, ваквата мерка има и дополнителна политичка тежина. Таа зборува за нов модел на општество во кое работникот не се гледа само како ресурс што треба да издржи повеќе, туку како човек кому му треба време за живот. Во земја со хронично иселување, ниска доверба во институциите и замор кај голем дел од вработените, ветување за 4 дневна работна недела лесно се чита и како порака дека државата конечно треба да почне да се натпреварува за луѓето, а не само да ги троши.
Најавата на СДСМ затоа се вклопува во поширока европска слика во која дебатата за работата веќе не се води само околу платата, туку и околу времето. Ако порано повисоката плата беше единствен знак на подобар живот, денес сѐ повеќе значи и можноста човек да работи достоинствено, а да не го изгуби целиот ден. Токму таму четиридневната работна недела станува симбол на една поинаква политика: поквалитетен живот, помал притисок и повеќе простор за семејството, здравјето и личниот развој.