50.000 против ИЦЕ: Минеаполис излезе на улиците ѝ на минус 29 степени

И покрај екстремно ниските температури и силниот студ, илјадници граѓани излегоа на улиците на Минеаполис во еден од најголемите протести во последните години, барајќи крај на агресивните имиграциски политики на администрацијата на претседателот Доналд Трамп и повлекување на федералните сили на ИЦЕ од градот.

Протестот, организиран под слоганот „ICE Out!“, започна во раните утрински часови, кога температурите паднаа до минус 29 степени Целзиусови. Според организаторите, на улиците излегле околу 50.000 луѓе, иако полицијата не даде официјална проценка за бројот на учесници. Дел од демонстрантите маршираа низ центарот на градот, додека други се собраа во арената „Таргет Центар“, која има капацитет од 20.000 места.

Протестите следуваат по неколкунеделни тензии меѓу локалното население и агентите на Службата за имиграција и царинска контрола (ICE), кои спроведуваат засилени акции за апсење и депортација. Поради демонстрациите, голем број продавници и бизниси во Минесота останаа затворени, а синдикати и граѓански организации повикаа на солидарност и масовно учество.

Само еден ден претходно, потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, го посети Минеаполис, изразувајќи поддршка за агентите на ИЦЕ и повикувајќи на „смирување на страстите“. Тој изјави дека федералната служба спроведува „неопходна и законска мисија“ во борбата против нелегалната имиграција.

Но, протестите дополнително се радикализираа по серијата инциденти, меѓу кои и смртта на Рене Гуд, американска државјанка која беше застрелана од агент на ИЦЕ додека, според сведочењата, ги следела активностите на службата. Овој случај предизвика бурни реакции и барања за кривична одговорност.

Во еден од најтензичните моменти, полицијата уапси десетици свештеници кои се молеа и пееја на меѓународниот аеродром „Минеаполис–Сент Пол“, откако одбија да ги почитуваат наредбите за растурање на собирот. Тие јавно побараа повлекување на околу 3.000 федерални службеници распоредени во регионот.

„Ова што се случува е федерална окупација на земја која им припаѓа на домородните народи“, изјави Рејчел Дион-Тандер од Движењето за бранители на Индијанците, обраќајќи се пред илјадници присутни. Таа побара темелна истрага за дејствувањето на ИЦЕ и прекин на, како што рече, „милитаризацијата на имиграциската политика“.

Администрацијата на Трамп, која повторно дојде на власт во 2024 година со цврста платформа за заострување на имиграциските закони, тврди дека мерките се неопходни за безбедноста на државата. Сепак, критичарите предупредуваат дека ваквиот пристап ја продлабочува поделбата во општеството и доведува до кршење на човековите права.

По апсењето на американски државјанин од сопствениот дом, како и приведувањето на ученици – меѓу кои и петгодишно дете – незадоволството дополнително ескалираше, а Минеаполис стана симбол на отпорот кон имиграциската политика на актуелната администрација.

Протестите продолжуваат и во други американски градови, додека прашањето за улогата на ИЦЕ и односот кон мигрантите сè повеќе го продлабочува политичкиот јаз во САД.

Зачлени се на нашиот е-билтен