„63 сенки“ пред судот, одбраната за „Пулс“ бега од одговорност

Трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, во која на 16 март загинаа 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени, и денеска се пресликува во судницата во Идризово. Додека родителите пред судот го развија транспарентот со ликовите на своите деца и порака „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“, во внатрешноста одбраната на обвинетите настојуваше вината да ја префрли на „системски пропусти“ и на институциите.

Според извештаите од денешното рочиште, одбраната на дел од 37-те обвинети ја оцени обвинителната постапка како нецелосна, без јасни докази за индивидуални дејствија и со проблематична причинско-последична врска меѓу нивното работење и смртоносниот пожар. Адвокатите повторија дека дел од обвинетите постапувале според закон, други имале строго ограничени задачи, а трети – како градоначалници или инспектори – воопшто немале надлежност за начинот на кој функционирала дискотеката.

Во фокусот повторно се најдоа поранешните градоначалници на Кочани – Ратко Димитровски, Николчо Илиев и Љупчо Папазов. Одбраната за Димитровски тврдеше дека обвинението е преседан во правната пракса, бидејќи тој, наместо да биде обвинет, требало да седи во судницата како јавност: уште пред „Пулс“ да почне да работи, поднел барање до надлежното министерство да не се издава дозвола за дискотека или кабаре во тој објект.

За Илиев и Папазов, адвокатите нагласија дека против нив нема ниту еден факт што директно ги поврзува со катастрофата, туку дека се вплеткани во постапката по логика на „командна одговорност“, со што, како што рекоа, се создава „втора трагедија“ – можност на крајот да бидат осудени луѓе кои постапувале согласно законските процедури и се потпирале на стручните служби.

Особено остар беше настапот на одбраната на општинските градежни инспектори. Тие тврдат дека причината за трагедијата не била во градежни пропусти на објектот, туку во фактори кои не биле во нивна надлежност – организација на настанот, внатрешен ентериер, пиротехника, евакуациски протоколи. Според нив, инспекторите немале ниту пријава, ниту писмена наредба за инспекциски надзор во „Пулс“, а дел од нив во тој период живееле и работеле во Скопје, па не можеле ни фактички да знаат како функционира локалот.

Слична линија ја следеше и одбраната на обвинетите од обезбедувањето. Адвокатите оценија дека обвинението против нив е „изградено врз хаотични претпоставки“, без цврсти докази за тоа дека со своето постапување директно придонеле за смртта на гостите. Тие посочија дека дел од обезбедувачите имале строго дефинирани задачи, без формален договор или план за целосно физичко обезбедување на објектот и без реални услови да спречат внес на пиротехника во ноќта на пожарот. Како клучна причина за трагедијата ја наведоа комбинацијата од институционални пропусти, недостиг на надзор и систем кој дозволил локалот да работи воопшто.

Во судницата беше потсетено и дека обвинителството постапува со тим од 15 јавни обвинители, кои најавуваат дека низ доказната постапка ќе покажат како „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од првиот ден – резултат на низата пропусти во лиценцирањето, контролите, противпожарните стандарди и институционалното игнорирање на ризиците. На обвинителна клупа седат сопственици, управители, градоначалници, инспектори, директори, пазарни инспектори и луѓе од обезбедувањето – вкупно 37 лица обвинети за најголемата цивилна трагедија во поновата историја на Македонија.

Пред судот, пак, паралелно се одвива друга, емотивна сцена – родителите и блиските на загинатите, со транспарентот „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“, ги пречекуваат обвинетите и нивните адвокати секое рочиште. Нивната порака е јасна: додека сите во судницата зборуваат за надлежности и системски пропусти, за нив 63-те фотографии на транспарентот не се бројка во предмет, туку изгубени животи за кои, како што велат, „некој мора да одговара“.

Судењето продолжува на 10 декември, кога свој воведен збор треба да дадат поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување, поранешни министри за економија, пазарни инспектори и раководни лица во државните служби – уште една серија сведоштва во судски процес во кој, барем засега, никој од обвинетите не се чувствува виновен, а семејствата на жртвите сè уште чекаат на првата конкретна правда.

Зачлени се на нашиот е-билтен