На 22 (четврток) и 23 февруари (петок) од 20 часот во Кинотека ќе биде прикажан долгометражниот музичко-документарен филм „Перо Ловшин – Ти можеш“.
Филмот ја раскажува приказната на Перо Ловшин, еден од првите панк-рокери во Источна Европа, кој ќе присуствува на проекциите и публиката ќе има можност да разговара со него. Ловшин како фронтмен на бендот „Панкрти“, со текстовите и активизмот, остави печат на 70-те и 80-те години во Словенија и екс-Југославија.
Режијата на филмот е на Јани Север, кој е и автор на сценариото заедно со Стојан Пелко. Улогите во филмот ги толкуваат: Ловшин, Биг Фут Мама, „Присмојени професори блуза“.
Во режија на Јани Север, филмот го опфаќа периодот на анархизмот и бунтовноста од крајот на 1970-тите, независноста на Словенија, демонстрациите во Љубљана, сè до учеството на UEFA Euro 2000 во Амстердам.
Бендот „Панкрти“ е формиран во 1977 година, во мала населба во околината на Љубљана, и најверојатно е првиот панк-рок бенд зад „Железната завеса“. На самиот почеток свиреле преработки од етаблирани панк и рок-групи како Sex Pistols, The Clash, New York Dolls. Биле дел од сега веќе легендарната компилација Novi Punk Val.
Во 1980 го објавуваат нивниот прв LP проект, винил албумот „Dolgcajt“, меѓник во рок-историјата на екс-Југославија. Препознаени по ангажираните социјално-политички текстови и коментари, „Панкрти“ стануваат култен бенд. Нивниот втор ЛП „Državni ljubimci“ доживеа одличен одѕив меѓу критиката и публиката и беше прогласен за југословенски албум на годината.
Во 1996, настапуваат како предгрупа на нивните идоли Sex Pistols, во рамките на настапите низ Словенија. Застапени се и во успешниот рок-документарец во продукција на Рајко Грлиќ, „Среќно дете“ (Sretno dijete), чиј автор е Игор Мирковиќ.
Филмските проекции и гостувањето на Ловшин се во организација на Словенечки центар – Скопје и Кинотека, а по повод Прешернов Ден.