750 милиони за културата – неисполнето ветување: Министерството молчи

Најавата за нови и дополнителни 750 милиони денари годишни вложувања во културата, преку издвојување на еден денар од акцизата на дизел горивата, беше претставена како една од клучните системски мерки за зајакнување на културниот сектор. Според ветувањето, во периодот од 2025 до 2028 година, на овој начин требаше да се обезбедат вкупно три милијарди денари за програмски активности и капитални инвестиции во културата.

Во услови кога културните институции функционираат со хронично недоволни средства, а независната сцена преживува од проект до проект, ваквиот однос кон јавно дадени ветувања отвора сериозно прашање за одговорноста и транспарентноста на институциите.

Затоа, повторно и јавно ги поставуваме прашањата што Министерството упорно ги игнорира:

Дали воопшто е започната примената на мерката за издвојување на еден денар од акцизата на дизел горивата за културата?

Ако да – колку пари се досега собрани и каде се евидентирани?

Кој е конкретниот план за распределба на овие средства?

Колкав дел е наменет за програмски активности, а колкав за капитални инвестиции?

Кои механизми за транспарентност и јавна отчетност се предвидени, и зошто досега јавноста не видела ниту еден извештај?

Кој одлучува за распределбата на средствата и на кој начин во процесот ќе бидат вклучени локалните културни институции, граѓанските организации и независните уметници?

Дали ќе има јавно објавени критериуми, повици и рокови или средствата ќе се распределуваат зад затворени врати?

Дали Министерството планира формирање посебен фонд или управувачко тело, или станува збор за уште една непрецизна и неоперационализирана најава?

Недостигот од одговори не е административен пропуст – тој е политичка порака. Порака дека културата повторно е третирана како последна ставка, додека големите бројки служат само за конференциски говори и програмски документи.

Ако 750 милиони денари навистина постојат – јавноста има право да знае каде се.

Ако не постојат – јавноста има право да знае зошто.

Рацин.мк ќе продолжи да бара одговори. Зашто ова не е прашање на културна политика, туку на елементарна јавна одговорност.

Зачлени се на нашиот е-билтен