Српскиот фолк-изведувач Аца Лукас и неговиот менаџер Саша Митровиќ, најавија дека на 20 декември ќе одржат концерт во арената „Јане Сандански“ во Скопје, а целиот приход, како што велат, ќе го донираат на семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани. Дополнително најавија дека ќе ги подмират и сите трошоци кон државата.
„Ова ќе биде само првата донација. Ќе продолжиме да помагаме во Кочани. И бидејќи веќе се најавуваме, може да бидете мирни – ќе ги имаме сите можни документи, дури и ‘тоалетна хартија’, за да не помислите дека нешто недостасува“, поентира Лукас, а објави Скопје1.мк
Лукас и Митровиќ најавија прес-конференција на која, како што тврдат, ќе објаснат дека приведувањето на пејачот во Кавадарци имало „приватна позадина“, а не законска основа.
Лукас изјави дека бил „само замолен“ да појде во полициска станица и дека и понатаму не знае зошто бил задржан.
„Не бев уапсен. Бев замолен да одам во полиција и сè уште не знам зошто бев приведен. Сите документи беа регуларни и процедурата беше идентична со сите мои настапи досега. Очигледно некому му застанавме на жуљ. Кога некој ја користи функцијата која му ја дал народот за приватни пресметки, тоа е противзаконски, дегутантно и одвратно“, изјави Лукас.
Менаџерот Митровиќ повтори дека уметникот имал уредни документи, иако МВР претходно информираше дека настапот бил одржан без дозвола за работа, дека во локалот се работело без фискални сметки, се прекршувал Законот за пушење и дека бројот на гости бил над дозволениот капацитет.

