Ацевски: Две нови катни гаражи околу пазарот во Ѓорче – решаваме долгогодишен хаос со паркирањето

Кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров од СДСМ, Костадин Ацевски, преку видео порака најави изградба на две нови монтажни катни гаражи, кои ќе го решат хроничниот проблем со паркирањето околу пазарот во Ѓорче Петров.

„На ова место тука, спроти пазарот во Ѓорче, и спроти новата општинска зграда, ќе изградиме две нови монтажни катни гаражи. Одењето на пазар, особено за време на викендите, е вистинска авантура. Пристапот е крајно отежнат – и со возило, и пеш. Едноставно, нема доволно паркинг-места, а тоа е предуслов за функционален пристап до пазарот,“ изјави Ацевски.

Тој рече дека, првата катна гаража, која ќе се наоѓа спроти пазарот во Ѓорче, на местото каде што порано имало паркинг, ќе обезбеди 200 нови паркинг-места, додека втората, спроти новата општинска зграда, ќе има уште 100 паркинг-места. Со тоа, жителите и посетителите на пазарот конечно ќе добијат уреден, безбеден и функционален простор за паркирање.

Дополнително, улицата покрај пазарот ќе добие еднонасочен режим на сообраќај, со што ќе се подобри безбедноста и ќе се растовари сообраќајниот метеж во централниот дел на општината.

„Моите сограѓани заслужуваат достоинствен пристап до пазарот. Ви благодарам за поддршката која секојдневно ми ја давате — тоа е мотивот за мојата борба: Ѓорче да биде подобро место за живеење за сите нас,“ рече Ацевски.

Тој потсети дека ова не е изолиран проект, туку дел од неговата поширока програма за поуредено, чисто и функционално Ѓорче. Во својата кампања Ацевски веќе најави чистење на дивите депонии во првите 100 дена од мандатот, како и лимитирање на неконтролираната бетонизација која, според него, го нарушува квалитетот на животот во населбите.

„Локалната политика мора да биде блиску до реалните проблеми на луѓето. Ние нема да ветуваме – ќе реализираме. Ѓорче мора да се движи напред со проекти кои носат вистинска промена,“ порача Ацевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен