Адвокати бараат итно повлекување на објавените досиеја за Епштајн

Според правните застапници, необјавените редакции предизвикуваат неповратна штета и го нарушуваат приватниот живот на жртвите

Адвокатите што ги застапуваат жртвите на покојниот сексуален престапник Џефри Епштајн побараа од двајца федерални судии во Њујорк да наредат итно отстранување на веб-страница на американското Министерство за правда на која се објавени досиеја поврзани со случајот. Причината, велат тие, е тоа што во документите се појавуваат нередактирани имиња и податоци за жртвите.

Во писмо до судот, адвокатите Британи Хендерсон и Бред Едвардс нагласиле дека времето е клучно, бидејќи штетата за жртвите е постојана и не може да се поправи. За случајот извести ABC News.

Тие посочиле и дека од моментот кога Министерството започнало со објавување на материјалите минатиот месец, се во речиси постојана комуникација со надлежните служби за да се коригираат пропустите и да се спречат нови.

Според „Волстрит џурнал“, во објавените документи се појавиле имињата на десетици жртви, вклучително и лица кои никогаш јавно не го откриле својот идентитет или биле малолетни во времето на злоупотребите.

Анализата покажала дека од 47 жртви чии целосни имиња се појавуваат во досиејата, дури 43 не биле соодветно заштитени со редакции. Во некои случаи, имињата на поединечни жртви се повторувале повеќе од сто пати.

Од петокот наваму, документите привремено се повлекуваат за дополнителни редакции. Заменик-главниот обвинител Тод Бланш изјавил за ABC News дека институцијата презема мерки за заштита на жртвите и дека имињата ќе бидат отстранети доколку се укаже на пропуст.

Зачлени се на нашиот е-билтен