Фрицл беше осуден за убиство на едно од неговите деца и за занемарување, силување, инцест и затворање на неговата ќерка
Австрискиот монструм – „таткото од пеколот“, Јозеф Фрицл, кој ја држел својата ќерка 24 години затворена во подрумот каде ја силувал и со неа станал татко на седум деца, може да биде преместен од затворот со максимална безбедност.
Фрицл, кој сега има 88 години, во 2009 година е осуден на доживотен затвор по откривањето на случајот кој го шокираше светот.
Новиот психијатриски извештај за Фрицл, кој боледува од деменција, вели дека тој повеќе не претставува опасност за јавноста. Тоа значи дека сега судот може да одлучи дали тој ќе биде префрлен во редовен затвор.
Фрицл моментално се наоѓа во високобезбедна институција за ментално пореметени престапници во затворот Штајн, во градот Кремс.
Во Австрија, доживотните осуденици можат да поднесат барање за условно ослободување по отслужување на 15 години од казната. Според тој закон, Фрицл годинава има право да поднесе такво барање.
Правните експерти велат дека барањето е можно да биде одобрено. Тоа значи дека Фрицл, кој во меѓувреме го смени името, би можел да биде преместен во дом за стари лица.
Минатата година, регионалниот суд пресуди дека Фрицл повеќе не е опасен и може да биде префрлен во стандарден затвор, но Вишиот регионален суд во Виена подоцна ја блокираше таа одлука.
Случајот Фрицл беше откриен во градот Амштетен во 2008 година и е опишан како еден од најстрашните во австриската криминална историја.
Фрицл беше осуден за убиство на едно од неговите деца и за занемарување, силување, инцест и затворање на неговата ќерка. На крајот на процесот, неговата ќерка и децата добија нови идентитети. (МИА)