Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека вкупно 18 основни и седум средни училишта низ државата добиле грантови за спроведување програми за заштита на учениците во учебната 2025/2026 година.
Средствата се наменети за активности за превенција од насилство, дискриминација, злоупотреба на игри на среќа, алкохол и дрога, како и за спречување на малолетничка делинквенција.
На веб-страницата на МОН веќе се објавени резултатите од јавните повици преку кои се доделуваат овие грантови, со цел зајакнување на безбедната и инклузивна средина во училиштата.
Во основното образование, поддршка добија училишта од општините Аеродром, Гази Баба, Дебарца, Долнени, Кавадарци, Карпош, Кисела Вода, Крива Паланка, Куманово, Липково, Македонски Брод, Могила, Тетово, Центар и Штип. Меѓу добитниците е и училиштето за ученици со посебни образовни потреби „Иднина“ од Скопје.
Во средното образование, грантови се доделени на седум јавни средни училишта од Радовиш, Куманово, Штип, Битола, Берово, Неготино и Дебар.
Од МОН истакнуваат дека ваквите програми имаат за цел навремено да одговорат на ризиците со кои се соочуваат младите и да придонесат кон создавање побезбедна, поддржувачка и одговорна училишна заедница.