Аеродромци се креваат на нозе и ќе блокираат улици

„Не е само непријатна миризба – ова е закана за здравјето на нашите деца. Ако институциите не можат да го изгаснат Вардариште во корен, ние ќе го изгаснеме со блокади,“ вели Марина Михајлова, мајка на две деца од Ново Лисиче. „Во неделата седевме без струја, со чад во домовите. Доста е од извинувања и прес-конференции и безобразни најави за паркови и гол политички ПР“ додава Гордана Богоеска, жителка на Аеродром, велат во своите изјави за Рацин.мк

Жители на општина Аеродром најавуваат дека од утре, секој ден во 16 часот, ќе ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Киро Глигоров“ сè додека не започне реално и трајно решавање на проблемот со дивата депонија Вардариште, која повторно гореше во неделата. Организаторите потенцираат дека ова не е партиски протест, туку граѓански бунт „за воздух, за здравје и за безбедност“.

Последниот пожар остави делови од Аеродром и Ново Лисиче без електрична енергија неколку часа поради превентивно исклучување на далекуводи во зоната на интервенција. Додека пет противпожарни возила се бореа со огнот, чадот и миризбата денови подоцна се чувствуваа низ населбите. Родители сведочат дека на 1 септември ги праќале децата на училиште во „задушлива“ средина.

„Ние не бараме чуда. Бараме јасен план со рокови: обезбедување и оградување на локацијата, 24/7 физичко обезбедување, континуирано гаснење на жаришта и почеток на санација и деконтаминација,“ велат од иницијативната група, најавувајќи дека денес во 18 часот ќе одржат состанок со жителите за координација на секојдневните блокади и за правење листа на барања до надлежните институции.

Граѓаните нагласуваат дека Вардариште „не е тема за кампањи туку за итна заштита на здравјето“. Тие ќе побараат итен инспекциски надзор и јавен извештај за причините за повторливите пожари, план за трајна санација со јасно финансирање, како и координирана акција на Град Скопје, општина Аеродром и државните служби за кризен менаџмент. Дополнително, ќе инсистираат на редовно информирање на јавноста за квалитетот на воздухот и за движењето на штетни гасови при инциденти.

„Секој ден во 16 часот ќе бидеме на раскрсницата. Ќе се тргнеме кога ќе видиме машини на терен, а не само соопштенија,“ порачуваат организаторите. Додека жителите се мобилизираат, останува на надлежните да покажат капацитет – со конкретни мерки и временски рамки – дека безбедноста, воздухот и здравјето на Аеродром и Ново Лисиче се приоритет, а не уште една тема за ад-хок реакции по секој нов пламен на Вардариште.

Зачлени се на нашиот е-билтен