Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Агелер: Притисоци врз судската власт е нешто што мора да престане, за судиите да можат да го практикуваат правото

-Притисоци врз судската власт во Северна Македонија е нешто што мора да престане. Судиите мора да бидат ослободени за да можат да го практикуваат правото. Граѓаните на оваа земја имаат потреба од тоа, и се повеќе го бараат тоа, порача американската амбасадорка Анџела Агелер во обраќањето на Меѓународна конференција на тема „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата“, организирана од Уставниот суд по повод 60 години од неговото основање со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Таа ја нагласи како што рече витална и незаменлива одговорност на Уставниот суд во изминатите шест децении во заштитата на основните човекови права, вклучително и слободата на говорот.

-Во САД и тука во Северна Македонија овој суд е од суштинско значење за да се овозможи транспарентно и правично општество. Сите треба да ја почитуваат независноста на судиите кои што треба да бидат слепи за политичките влијанија и јавните мислења и да бидат водени од начелата кои што се втемелени во нашите устави. Американскиот уставен судија се уште смета дека нашиот Устав не е напишан во песок за да може да се измие со секој бран од нови судии кои што се под влијание на политички бранови. Притисокот кој што е ставен врз судиите во овие судови може да биде огромен. Ние како граѓани инстистираме притисоци да бидат елиминирани и нашите судии секогаш да бидат независни без оглед на нивното потекло и лични мислења, рече Агелер.

Таа се осврна и на улогата на овој суд во контекст на претстојните избори.

-Од аспект на претстојните избори судската независност е од суштинско значење како и секогаш досега. Само независни судии можат да го запазат владеењето на правото и да ги заштитат правата. Судиите мора да делуваат објективно и правично. Јас имам слушнато многу од вас за притисоците кои се ставени врз вас. Притисоци врз судската власт во Северна Македонија е нешто што мора да престане. Судиите мора да бидат ослободени за да можат да го практикуваат правото. Граѓаните на оваа земја имаат потреба од тоа, и се повеќе го бараат тоа, потенцира Агелер.

Во текот на изминатите шест декади, додаде таа, преку различни правни мислења, толкувања и промени Уставниот суд продолжил со својот мандат да ги заштитува правата на сите граѓани во оваа земја и ветил продолжување на поддршката на САД во овие напори.

Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер во своето обраќање посочи дека додека се слави 60-годишнината од Уставниот суд на Северна Македонија, во Германија оваа година, се одбележуваат 75 години од  германскиот Устав и потсети дека по тој повод пред неколку дена, сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ја започнал прославата со дебата за состојба на демократија во Германија – под провокативен наслов „Испадна добро, но не гарантирано“.

-Да, можно е да се изгуби демократијата. За да се спречи ерозијата на политичката култура на отвореност и различност, претседателот Штајнмаер на споменатата дебата повика на „широка алијанса на демократите“. Уставните судови се чини дека се меѓу очигледните партнери за таков сојуз. Како чувари на почитувањето на уставите и со нивната способност да ја ограничат државната власт, уставните судови се од фундаментално значење за обезбедување владеење на правото и се неопходни за секоја демократија. Има три основни елементи, кои се од суштинско значење за исполнување на овој висок политички стандард: независност од политиката, функционален капацитет како институција и професионален интегритет, нагласи амбасадорката Дрекслер.

Според неа, очигледно е дека тие критериуми не зависат само од можностите на судот и од неговите судии сами по себе. Во Германија, дебатата за тоа како да се подобрат долгорочните гаранции за независноста на Сојузниот уставен суд се фокусираат на поцврсто закотвување во самиот Устав. Важна е нагласи и ангажираноста во меѓународната дебата за предвизвикот на демократската отпорност и ја поздрави одлуката на Уставниот суд својата 60-годишнина да ја одбележи со организирање на оваа меѓународна конференција, наместо со обична церемонија.

-За Германија, правната соработка и размената со Уставниот суд е важен столб во германско-македонските односи долги години. Ја цениме оваа соработка и ќе продолжиме да соработуваме, рече Дрекслер придружувајќи се кон повикот за понатамошно зајакнување на Уставен суд на Република Северна Македонија,  како начин на зајакнување, вели, на нашиот широк сојуз на демократите.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Килијан Вал, меѓу другото, го истакна јакнењето на Уставниот суд преку воведувањето на ефикасниот механизам на вложување жалби, кој е присутен веќе подолго време и вети продолжување на поддршката на овој суд означувајќи го како столб на човековите права, владеењето на правото, демократијата.

-Наместо потпирање само на ЕСЧП ние ја правиме правдата подостапна и подопирлива за сите граѓани на Република Северна Македонија. Ние сме на оваа пресвртница кога го прославуваме минатото и гледаме со оптимизам кон минатото и колективно се залагаме за успешно патешетствие на Уставниот суд во идинина. Мисијата на ОБСЕ во Скопје секогаш била и ќе биде ваш стабилен партнер што се потврдува со потпишувањето на Меморандумот за соработка склучен со Уставниот суд за да се зајакнат капацитетите на овој суд. Со вашите партнери кои се тука заедно ќе го поддржуваме Судот, кој ќе продолжи да служи како цврст столб за владеење на правото, заштита на човековите права и демократијата во Северна Македонија, рече амбасадорот Вал.

Заменик шефот на Мисијата на ЕУ Бен Нупнау, оцени дека Уставниот суд ја зголемил својата транспарентност и се осврна на евроинтегративниот пат на земјата.

-Навраќајќи се на амбицијата за евроинтеграција Северна Македонија успешно го заврши процесот на скрининг во 2023 година. Земјата изготви патоказ кој што ќе биде водилка за усогласувањето на законодавството и од тогаш со задоволство можеме да констатираме назначување дополнителни судии во Уставниот суд што е многу важен елемент за функцијата на оваа институција, рече Нупнау.

Тој се осврна особено на законската регулатива во сферата на медиумите каде, вели, се бележи напредок.

-Зачувувањето на слободата на изразувањето е суштински концепт не само во Северна Македонија туку и во светот. При тоа новинарите продолжуваат да бидат жртви на напади како  онлајн и офлајн. Постојано се жртви на попречување на нивната работа. Но, нападите на новинарите се всушност напади на демократијата и општо на општеството, особено во време на предизборието. Со задоволство можам да констатирам дека има подобрување на законската рамка во однос на зголемување на заштитата на новинарите. Северна Македонија ги усогласи своите правни регулативи и прописи во однос на заштитата на медиумите и новинарите. Ќе продолжиме со поддршка тука, во регионот на ЗБ. ЕУ се фокусира на зајакнување на капацитетите на поддршка на граѓанското општество и на професионалните организации. Се надевам дека ова партнерство ќе обезбеди капацитети за да се заштитат фундаменталните слободи во годините кои претстојат, нагласи Нупнау.

На конференцијата се обратија и претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Јован Митрески, претседателот на Владата, Талат Џафери, министерот за правда Кренар Лога. 

Зачлени се на нашиот е-билтен