Економијата и економските модели што произлегоа од новата дигитална револуција не ја заобиколија ниту медиумската индустрија. Овие влијанија донесоа тектонски промени и наметнаа предизвици и потреба од промени кај традиционалните бизнис модели.
Во тој нов медиумски пејсаж, за своето место како водечки во индустријата се изборија големите дигитални платформи како Google и Facebook на глобално ниво, но и репликите на овие платформи на национално ниво, како што е Time.mk кај нас. Популарно дигиталните платформи се многу попозанти како агрегатори на вести, иако вестите како контент, како форма, не се единствените содржински формати кои си го наоѓаат своето место на овие платформи, а со тоа и патот до корисниците на овие содржини.
Дигиталните платформи, односно агрегаторите, станаа први точки за контакт за читателите на онлајн содржините.
Агрегаторите, кои едноставно не можеше, а да не бидат прифатени како фактори во новиот дигитален медиумски спектар, се разликуваат од издавачите на медиумски содржини (традиционалните медиуми како весниците, телевизиите и онлајн порталите), по тоа што не произведуваат сопствена содржина за вести, туку постоечката содржина на издавачите ја прават подостапна до публиките.
Во такви околности, односите меѓу издавачите на медиумските содржини и на дигиталните агрегаторски платформи е во постојана потрага по унапредување и уремнотежување.
Поконкретно, издавачите на медиумски содржини и дигиталните платформи се поврзани низ комплексен однос во кој и агрегаторите на вести и издавачите имаат корист едни од други. Првите имаат корист со тоа што ги прават своите платформи попривлечни за своите корисници, додека издавачите на медиумски содржини имаат корист со тоа што добиваат пристап до поширока читателска публика.
Заради потребата и навиките на публиката да ги добива брзо и по можност на едно место, според сосптвените критериуми за избор, ги претвори агрегаторите во своевиден „едношалтерски систем“. Таквата позиција и видливост на дигиталните платформи, им овозможи поголема посета и на самите нив, но и до содржните што ги креираат издавачите на вести, а со тоа и поголеми шанси за приходи од рекламите, и за едните и за другите.
За овој сложен однос, свое видување даде и креаторот на Time.mk Игор Трајковски, кое произлегува од неговото непосредно искуство во создавањето и во одржувањето на најчитаниот агрегатор во земјата.
Наместо да се зборува за тоа дека агрегаторите „паразитираат“ на грбот на медиумите, укажува Трајковски во интервју за е-Магазин.мк, треба да се зборува за споделување на двонасочни вредности.
„Агрегаторите носат нова публика кон сајтовите, ги промовираат нивните вести пред читатели кои можеби никогаш не би ги посетиле тие медиуми директно. Ние функционираме како дистрибутивен канал кој ја зголемува видливоста и досегот на нивните вести. За многу помали или специјализирани медиуми, ова е клучен начин да допрат до поширок круг на читатели“.
Time.mk постои веќе 17 години и со текот на времето прерасна во една од најпосетуваните платформи во Македонија.
Во ова интервју Трајковски вели дека агрегаторот бележи над 300.000 посети и повеќе од 700.000 прегледи на страници дневно, што покажува дека начинот на агрегирано следење на вести е исклучително популарен кај домашната публика.
„Во периоди на исклучителни настани, како во периоди околу избори, или кога има поголеми несреќи како пожарите во Кочани и Тетово, бројот на посети лесно проаѓа и над 600.000, а бројот на прегледи над 2.000.000 дневно“.
Трајковски уште објаснува дека водењето на софистициран агрегатор не е едноставна задача. Тоа вклучува големи технолошки и инфраструктурни ресурси – развој и одржување на сложени алгоритми за препознавање, групирање и рангирање на вести, прецизно откривање дупликати и злоупотреби, управување со серверска инфраструктура која може да обработи милиони прегледи дневно, како и постојана борба со технички предизвици и правни регулативи.
Дебата за една од тие правни регулативи отворија измените во законите за медиуми и за авторски права од кои произлезе дека агрегаторите и издавачите на медиумски содржини треба формално-право да ги уредат меѓусебните односи.
Се разбира, уредувањето на таа соработката, меѓу агрегаторите и медиумите, се темели на договорна волја и на взаемниот интерес и на едните и на другите во таа релација.
Во такви околности и агрегаторите и издавачите на вести треба да го најдат заедничкиот именител што ги поврзува и ги заштитува нивните интереси, но заеднички интерес и на едните и на другите треба да биде и да остане публиката.
Публиката, односно корисниците на медиумските содржини кои на агрегаторите гледаат како на алатка преку која доаѓаат до повеќе извори за релевантни информации кои ќе им помогнат да добијат објективизирана слика за настаните и процесите од јавен или партикуларен интерес.