Разговор со светски познатиот турски писател Ахмет Умит, мајстор на модерниот криминалистички роман, се одржа синоќа во рамки на фестивалот на европска литература „Букстар“ во Салон 19.19 во Културно-информативниот центар.
Ахмет Умит (1960) е еден од најпознатите турски автори на детективскиот роман. Неговиот прв роман „Магла и ноќ“ (1996) се смета за ремек-дело на детективската книжевност. Умит е автор и на графички романи со инспекторот Невзат. Филмот „Збогум, моја убава татковино“ е направен според негово сценарио. Делата му се преведени на триесет и седум различни јазици и достигнале огромна меѓународна читателска публика. Многу од книгите му се адаптирани во филмови и телевизиски серии, а некои од нив и како театарски претстави.
Бројна публика дојде да го испочитува овој култен автор, а потоа се чекаа и редици за да им ги потпише книгите.
Спонтан, природен, осторумен и полн со хумористични приказни,Умит ја освои скопската публика и во живо.

– Ова ми е третпат како доаѓам во Скопје. И секогаш тоа е поврзано со некои книжевни настани. Првиот пат Скопје многу ми се допадна, вториот пат многу ми се допадна повторно, а третиов пат паднав во несвест – рече Умит.
Тој раскажуваше за неговите почетоци, за процесот додека ги пишува книгите, за идеалите.
– Во раните детски години немав намера да станам писател, но бев многу добар читател. Ми се чинеше како нешто многу големо да бидеш писател. И еден ден без да размислувам, почнав да пишувам. Како млад многу често одев на протести, и во тоа време ако те фатеше полицијата знаеше да те малтретира со денови, да ти врши тортури, да лежиш во затвор…Еднаш на тие протести ме уапси полицијата и потоа ме тераше да напишам извештај. И тогаш всушност ја напишав првата приказна. Потоа таа приказна беше објавена во едно списание, а потоа тој текст се преведе на 40 јазици – раскажува турскиот писател.

Тој вели дека почнал да пишува детекстивски романи затоа што сонувал дека светот ќе биде подобро место за живеење.
– Најважната криза на еден човек му се случува во оној миг кога ќе падне маската – рече Умит.
Турскиот писател вели дека долго истражува пред да почне да пишува. Дека често се консултира со експерти од одредена област, со научници од судската медицина, со историчари.
– Кога пишувам роман изучувам со години. Ако е сместен во одреден историски момент, знам и со години да читам за тој период. Ако дејството е сместено во некој град, одам многу често во тој град. Еве, на пример, сега многу често одам во Рим зашто дејството на приказната што ја пишувам е сместено таму – вели Умит.
Тој додава дека е многу важно еден автор да биде оригинален зашто само така ќе биде вистински препознаен од публиката.
– Во уметноста е важно да се биде поинаков. Ако пишував како некој друг, немаше да има вредност она што го пишував. Пикасо е голем зашто окото на жената го смести среде нејзиното чело, и покрај тоа што знаеше да слика анатомски совршено тело – рече Умит.
Публиката и денес ќе има можност да присуствува на еден ексклузивен настан „На кафе со Ахмет Умит“, кој ќе се одржи во „Рамстор мол“ со почеток во 12 часот. Вљубениците во крими-романите ќе имаат можност да добијат автограм, да се фотографираат и да разговараат со овој автор со светска слава.

Фестивалот ќе заврши со книжевниот настан „Правда за кратката проза!“, кој ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 18 часот, а на кој ќе бидат учесници Мајнхард Раухенштајнер (Австрија), Владимир Мартиновски, Сања Михајловиќ-Костадиновска и Иван Шопов. Модератор ќе биде Владимир Јанковски.
Годинашниот фестивалски слоган на „Букстар“ гласи „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).
Дизајнот на плакатот е дело на Гордана Вренцоска.
Фестивалот „Букстар“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Наградата за литература на Европската Унија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Чешка, како и на Чешкиот литературен центар. Официјален фестивалски пијалак е „Скопско“. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија.