Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

АХВ: Потврден „птичји грип“ во Зоолошката градина

Од Агенцијата за храна и ветеринарство потврдија дека по лабораториското тестирање на угинатата птица е потврден случај на присуство на високопатоген сој на вирусот на „птичји грип“ – H5N1.

„Во текот на денешниот ден, од страна на надлежен официјалени ветеринари спроведен е надзор во Зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста, извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата.Наредени се мерки согласно Законот за ветеринарно здравство и Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста Авијарна инфлуенца“ соопштија од АХВ.

Тие додаваат дека во зоолошката градина е забранет влез и излез на животни, а ограничено е и движењето на луѓе. Во моментов се извршува дезинфекција, како и испитување на другите птици присутни во зоолошката градина за присуство на вирусот.

Зоолошката градина ќе биде затворена за посетители во следните 21 ден додека се следи појавата и ширењето на птичјиот грип.

Последните случаи на појава на високопатогена авијарна инфлуенца беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, место Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош. 

Авијарната инфлуенца или птички грип е болест предизвикана од вирусот на грип/инфлуенца тип „A“ од фамилијата Orthomyxiviridae, која може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија и ограничувања во увозот и извозот на живи птици и производи од живина. Дивите птици се познати како резервоари за вируси на птичји грип, главно од ниско патогени соеви затоа на глобално ниво се спроведуваат мерки за надзор, следење, појава и карактеристика на вируси на птичји грип кај дивите птици иако поголемото мнозинство на овие вируси не предизвикува болест.

Високопатогените соеви вирусот се патогени за живината, но како зооноза болеста може да се пренесе и на луѓето. Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе иако е повеќе години во циркулација во земјите од ЕУ.

Зачлени се на нашиот е-билтен