ЕУ со нова AI алатка за откривање контаминирана храна во реално време

ЕУ со нова AI алатка за откривање контаминирана храна во реално време воведува нов систем за побрзо откривање на небезбедни производи во синџирот на снабдување со храна, со цел подобра заштита на потрошувачите и поефикасна реакција на институциите. Европската комисија ја претстави платформата TraceMap – дигитална алатка базирана на вештачка интелигенција која овозможува анализа на огромни количини податоци и откривање на потенцијални ризици речиси во реално време. 

Новата платформа им овозможува на националните институции во земјите-членки на ЕУ да идентификуваат измами со храна, да следат контаминирани производи и да реагираат побрзо при појава на епидемии поврзани со храна. Системот собира и анализира податоци од целиот агро-прехранбен сектор – од производството до трговијата – со што може да ги следи трговските текови и движењето на производите низ синџирот на снабдување. 

Со помош на алгоритми на вештачка интелигенција, платформата може да ги поврзува податоците од различни институции и компании и да открива необични обрасци што укажуваат на можен ризик. Тоа значи дека потенцијално небезбедната храна може да се идентификува многу порано, пред да стигне до потрошувачите или пред да се прошири низ пазарот. 

Платформата веќе била тестирана во пилот-фаза, кога помогнала во истрага поврзана со повлекување на бебешка формула од европските пазари поради контаминирани состојки увезени од Кина. Ваквите алатки се очекува да ја подобрат координацијата меѓу националните институции и да го забрзаат повлекувањето на небезбедни производи од продажба. 

Потребата од вакви системи расте бидејќи бројот на предупредувања за небезбедна храна во Европа е во пораст. Според податоците на европските институции, системот за брзо предупредување за храна и храна за животни во 2024 година регистрирал 5.250 известувања, што претставува зголемување од околу 12 проценти во однос на претходната година. 

iИстовремено, во Европа се регистрирани илјадници случаи на заболувања поврзани со храна, при што најчести се инфекции како салмонела, кампилобактериоза, E.coli и листерија. Токму затоа институциите очекуваат дека новите технологии засновани на вештачка интелигенција ќе помогнат побрзо да се идентификуваат ризиците и да се спречат поголеми здравствени кризи. 

Зачлени се на нашиот е-билтен