Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Академик Влада Урошевиќ е годинешниот добитник на наградата „Роман на годината“

Романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на академик Влада Урошевиќ е добитник на годинешната награда „Роман на годината“ за 2022 што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

За најдоброто романескно издание за минатата година одлучуваше жири-комисијата во состав Симона Јованоска (претседателка), Гоце Ристовски, Илир Ајдини, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата).

За да може еден роман да се носи со провокативноста на толку долг наслов, навистина мора да е врвно напишан. Овој наслов, што само го најавува патешествието на семејството Пустополски, претставува вистинско читателско уживање. Влада Урошевиќ во своето дело ја раскажува историјата на скопското семејство Пустополски, вешто ја вовлекува во приказната на еден толку ненаметлив начин, оставајќи го притоа читателот во пријатни чувства и задоволство по секоја прочитана страница, се вели во образложението на жири комисијата. Приказната вовлекува со својата ноншалантност, со одмереноста, импресивната фантазија и со сериозно изградените ликови по профил и тежина. Во овој роман има нешто „пркосно“, нешто кое ненадмено отскокнува од другите, а тоа го можат само најдобрите, посочува жири комисијата.

Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.

„Роман на годината“ годинава се доделува по 24-ти пат, а на годинашниот конкурс пристигнаа 35 романи.

Чест ми е што ја добивам оваа награда што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“, зашто со Славко имавме динамично пријателство- од жестоки караници до искрени дружења. Тој е еден од најомилените ликови во мојот живот и кариера. Романот го пишував две и пол години, со големи напори да го задржам темпото, да се пишува секој ден. Мојата опсесија со куќи е дамнешна и е поврзана со мојот живот. Во овој роман таа куќа е главната личност. Куќата во животот ми е нешто многу значајно. Сум живеал во бурни времиња и од седум куќи сум бил насилно иселуван. Разни војски ме иселувале насилно, а од седмата куќа насилно сум иселен поради земјотресот, и веројатно така се родила опсесија кај мене за една куќа која стои со векови цврсто на едно место и има некој свој живот кој го дели со нејзините жители, рече лауреатот на наградата, академик Влада Урошевиќ, денес на прес- конференцијата во Скопје, по повод врачувањето на наградата.

Во најтесниот круг наслови номинирани за наградата беа и „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски („Три“), „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски („Или или“), „Столб што пее“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“).

Приказната во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, издание на „Арс Либрис“, почнува летото 1898. Во преодните денови помеѓу веќе исцрпениот XIX век и тукушто родениот XX век – Никола се враќа од своите студии на Ecole supérieur de pharmacie во Париз. Со себе го носи научното знаење од Западот и етосот на модерниот, просветлен човек, желен да ги примени во своето родно Скопје. Дома – во големата куќа на крајот на градот, покрај течението на реката Вардар – го чекаат татко му Харалампие, трговецот на ангро, мајка му Евдокија и трите помлади братучетки.

На прв поглед животот на ова семејство изгледа нормален, пристоен, па дури и здодевен. Но, работите не се такви како што изгледаат. Нешто страшно и неискажливо ја фрла својата сенка врз семејството Пустополски. Старата куќа крие свои тајни што се протегаат сè до Ориентот и кои се однесуваат на богатството на дедото на Никола. Приказната за еден прстен купен во Старата скопска чаршија го втурнува Никола во низа настани чиешто потекло, смисла и цел не му се целосно јасни…

Влада Урошевиќ (17.10.1934, Скопје) е еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци, творец во речиси секој жанр и секоја форма: поезија, расказ, роман, есеј, патопис, книжевна и ликовна критика, книжевна теорија и превод.

Професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при УКИМ, работел и како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје и како уредник на списанието „Разгледи“. Неговото творештво е обемно и разновидно. Почнувајќи со „Еден друг град“ (1959), објавува 11 збирки поезија, како и шест романи: „Вкусот на праските“ (1965), „Мојата роднина Емилија“ (1994), „Дворскиот поет во апарат за летање“ (1996), „Дива лига“ (2000), „Невестата на змејот“ (2007), „Маџун“ (2018). Зад себе има три книги записи и патописи, повеќе книги со критиките и есеите за македонските писатели и две книги за фантастиката во сликарството.

За својот книжевен и преведувачки опус е именуван за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот Ред од Владата на Република Франција. Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, хрватски, француски и шпански.

Треба да знаете
Moже да ве интересира