Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ако нема поефикасна контрола на безбедносните служби, остануваат недовербата во реформата и траумите од минатото

Во поранешната УБК, во времето на ВМРО-ДПМНЕ на Груевски, пристап до Петтата управа на УБК имал само тогашниот директор Сашо Мијалков. Пред вратите на УБК на петтиот кат во зградата на МВР постојано имало по двајца спец-полицајци со калашникови кои имале наредба да не пропуштат никој неовластен или без специјална дозволо на директорот, ниту министер, ниту заменик министер на МВР.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Траумите од безбедносните служби поттикнуваат недоверба во нивната најавена реформа, дали поефикасната контрола може да ги „заузда“, се темите што доминираат кога е во прашање оваа тема.

Поделени се ставовите околу тоа дали Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) треба да се обединат, како што најави ВМРО-ДПМНЕ во својата изборна програма, или да останат какви што се сега, но да се зајакне парламентарната и граѓанската контрола на нивното работење.

Проф. д-р Трпе Стојановски од Факултетот за безбедност на Универзитетот Свети Климент Охридски, смета дека спојувањето на двете служби, за национална безбедност и за разузнавање, теоретски е можно, но дека тоа е сложен и скап процес и треба да се спроведува со темелни подготовки и со визија како тоа треба да се направи, а новото да биде подобро од претходното.

„Реформа во вид на интеграција на двете служби е комплексна задача. Најдобро е ако за ваков вид реформа постои национален консензус, бидејќи отворањето на реформа на спојување не смее да биде привилегија на една политичка партија, која и да е и да не се случува со секоја промена на власта“, предупредува Стојановски.

Траумите од злоупотребите на разузнавачките служби предупредуваат

Ако се тргне во нова реформа, укажува Стојановски, тоа мора да се направи со претходна темелна анализа и искрена политичка воља, главни предизвици ќе бидат професионалноста и интегритетот на извршителите.

Во однос на искуствата во светот на кои може да се угледа евентуалната реформа на службите за безбедност постојат различни примери од кои можат да се извлечат позитивните или негативни импликации од една ваква реформа.

Има различни модели во светот, вели проф д-р Трпе Стојановски, но за Македонија е потребен модел кој ќе биде најсоодветен за потребите и интересите на државата.

„Агенцијата за нациоанална безбедност и Оперативно-техничката агенција беа формирани пред пет години и произлегоа од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање, непосредно по аферата со масовното прислушување. До таа реформа дојде заради лошите искуства кога безбедносните служби беа под контрола на МВР и кога имавме масовно прислушкување“, потсетува Стојановски.

Рацин.мк на оваа тема разговараше и со претставници на опозицијата кои се на ставот дека заради економизирање на целиот тој сектор и во однос на ресурси и во однос на ефикасност, не се далеку од ставот дека спојувањето на АНБ и на АР во една агенција со два сектори е соодветно решение на земја како што е Северна Македонија од аспект на нејзината големина.

Но, од таму велат дека заради минатото на партијата којашто ја предлага реформата, тие нема да ја прифатат, освен ако не препознаат сигурни и гарантирани законски одредби што ќе ја спречат концетрацијата на моќ која е предуслов за злоупотреба за што граѓаните на Македонија сѐ уште имаат свежи сеќавања од масовното прислушкување во периодот од 2008 до 2017 година.

Првата индикација дека актуелната владеачка има намера повторно да го стави под контрола на Владата, односно на владејачката партија системот на службите за безбедност, ќе биде ако во најавената реформа ја вклучат и Оперативно-техничкака агенција (ОТА).

Од од аспект на актуелниот статуст на трите агенции, АНБ, АР и ОТА, кој е резултат на претходната реформа кога АНБ и ОТА се издвоија од УБК и од МВР, како независни агенции. Како, такви надзорот врз нив е во надлежност на парламентарната Комисија за надзор на разузнавачките служби и на Советот за граѓански надзор врз безбедносните и разузнавачки служби.

Кога станува збор за ОТА, треба да се знае дека во оваа агенција сега се медијациските уреди за следење на комуникациите, како инфраструктура за една од дејностите на безбедносните агенции. Услугите на ОТА безбедносните служби кои се овластени да следат комуникации како што се АНБ, АР, Службата за разузнавање на армијата, Финансовата полиција и МВР, немаат директен пристап до уредите на ОТА и нивните барања мора да стигнат до оваа агенција само со судски налог.

Суштинска е процедурата која е целосно кодирана и со која се гарантира дека информациите што се добиваат од следењето на комуникациите ќе ги добие само таа служба којашто добила судски налог. Тоа ја избегнува опасноста информациите да стигнат до некој друг којшто може да ги злоупотреби, а доколку се случи да стигнат до некој друг ќе се знае од каде стигнале таму.

Имајќи го ова предвид кога е во прашање поставеноста на ОТА, станува јасно зошто за проф. д-р Стојановски „во изминатите години ОТА се потврди како институција којашто го оправда своето постоење“.

Инаку, и досега во изминатите години имаше обиди во повеќе наврати да се спојат службите за разузнавање дома и во странство, но за тоа никогаш досега не се постигна согласност меѓу институциите Претседател и Влада на државата. Во било кој мандат, на било која претседател. Од институцијата Претседатела на државата секогаш бил застапуван став дека Агенцијата за разузнавање треба да остане во надлеженост на претседателот заради баланс и предострожност од концентрација на моќ само во едн центар, во овој случај во Владата бидејќи иницијативите за спојување секогаш доаѓале иод таму.

Дали сега ќе има отстапка по ова прашање од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, останува да видиме.

Прашањето на независна контрола на разузнавачките служби  

Доколку вледејачката партија тргне во постапка за ново реформирање на резузнавачкиот сектор кој, според нивната програма предвидува спојување на АНБ и на АР, најголем предизвик и фокус на јавноста треба да биде механизмот за контрола на работата на новата агенција која, најверојатно ќе се вика Агенција за национална безбедност и разузнавање (АНБР).

Во прилог на тоа дека за измена на законските решенија за АНБ и за АР, односно за нивно укинување и за креирање на нов закон за АНБР, на ВМРО-ДПМНЕ им треба просто мнозинство во Парламентот, од формално-правен аспект тоа нема да им биде проблем.

ОТА е друга приказна затоа што за законски измени за оваа агенција е потребно двотретинско мнозинство, иако, како што сега се поставени работите и како што се одвива флертот со ДУИ, за ДПМНЕ и тоа не би било предизвик, но сега засега ОТА не се спомнува како дел кој треба да биде опфатена со најавената реформа на службите.

Оттаму, прашањето на независна контрола на разузнавачките служби е исклучително важно.

И во овој случај се „будат“ негативните искуства и трауми што во блиското минато ги предизвикуваа разузнавачките служби, особено од времето на УБК.

Еден од клучните фактори кои ја попречуваа работата на парламентарните комисии е недовербата на службите кон пратениците. Се сеќаваме на игнорантскиот однос од безбедносно-разузнавачките служби кон Собранието: Неучество во работата на парламентарната Комисија за надзор на разузнавачките служби, на изоставање или давање непотполни информации, одолговлекување на процедурите за издавање безбедносни сертификати, спречување теренски посети во институциите на тие служби итн.

Покрај силната политизација и претпазливоста дека надзорните активности можaт да се злоупотребуваат за политички цели, факт е дека комисиите не располагаа со услови за работа со класифицирани информации.

Дури неодамна во Собранието на Северна Македонија беше уредена посебна просторија, глува соба, звучно изолирана, без прозорци, а внесувањето мобилни телефони не е дозволено, што е предуслов за работата на Комисијата за надзор над безбедносно-разузнавачките служби.

Документите кои ги доставуваат службите треба да се разгледуваат само во такви услови, а истото треба да важи и за состаноците кога претставниците на АНБ и АР ги презентираат извештаите и одговараат на прашањата од членовите на комисиите.

Кога се зборува за меѓусебната доверба, важно е и пратениците да се запознаат со службите и со нивната работа. Би било корисно, на пример, секогаш кога се формира комисија во нов мандат, пратениците да одат во посета на секоја од институциите кои можат да следат комуникации и да се запознаат со работата, со опремата што се користи, со процедурите и постапките и слично.

На овој начин, не само што „ќе го скршат мразот“ и ќе воспостават контакт со раководните лица на овие институции туку и ќе се запознаат со материјата – каква е, всушност, процедурата за пресретнување комуникации, каква техничка опрема се користи, што се случува со материјалите од снимените разговори итн. Така, пратениците ќе имаат претстава за секојдневната работа на вработените во тој сектор што овозможува хуманизација на службите, без страв дека обучените тајни агенти и разузнавачи можат да ги манипулираат, што не е непознато искуство.

Имено познато е дека во поранешната УБК, во времето на ВМРО-ДПМНЕ на Груевски, пристап до Петтата управа на УБК имал само тогашниот директор Сашо Мијалков. Пред вратите на УБК на петтиот кат во зградата на МВР постојано имало по двајца спец-полицајци со калашникови кои имале наредба да не пропуштат никој неовластен или без специјална дозволо на директорот, ниту министер, ниту заменик министер на МВР.

Слични реформи треба да се иницираат и да се применат без отстапки и за Совет за граѓански надзор врз безбедносните и разузнавачки служби, ако преживее со реформите.

Поточно, на Совет за граѓански надзор врз безбедносните и разузнавачки служби треба да му се обезбеди да ја зајакне својата улога и ингеренциите, да се обезбеди значајно зголемување на финансиите, човечките и останатите ресурси за подобро, поефикасно и независно функционирање и да се вложат нагласени заложби за поголемо вклучување на експертите, граѓаните, и граѓанските организации во работата на овој Совет.  

Дали Советот ќе преживее ќе зависи и од опозицијата, од граѓанскиот сектор, но и од меѓународните пријатели и сратешки партнери кои, секако, будно ќе ги следат реформите во сите фази и, секако, нема да дозволат реформите да отстапуваат од стандардите на НАТО, на земјите членки на алијансата и на ЕУ со кои Македонија е должна да има комуникација со разузнавачки информации.

Зачлени се на нашиот е-билтен