Изборите во Унгарија, закажани за 12 април, одамна престанаа да бидат само домашна политичка битка. Во европските кругови тие сè повеќе се гледаат како тест што може да покаже дали еден од најдолговечните и највлијателни десничарски популистички модели во Европа почнува да се троши. По 16 години на власт, Виктор Орбан влегува во изборна трка во која за првпат подолго време не изгледа недопирлив.
Во уреднички коментар што предизвика силно внимание во Унгарија, се оценува дека евентуален пораз на Орбан не би бил важен само за Будимпешта, туку би испратил сигнал и до пошироката европска десница, која со години го гледа како политички пример. Орбан со години градеше влијание многу пошироко од границите на Унгарија, и преку судирите со Брисел, и преку блискоста со Москва, и преку политичките врски со европските и американските конзервативни кругови.
Токму затоа исходот од изборите се следи внимателно и во Брисел. Европската Унија веќе подолго време е во отворен судир со Будимпешта поради прашањата за владеење на правото, судството, медиумските слободи и корупцијата, а дел од европските средства за Унгарија остануваат замрзнати. Дополнително, Орбан со години се наметнува како лидер што најчесто го користи правото на вето, особено кога станува збор за Украина и односите со Русија, па во Унијата сè погласно се зборува дека токму Унгарија ја оголила слабоста на системот што бара едногласност за клучни одлуки.
Во таква атмосфера, растот на Петер Маѓар не се чита само како смена на едно име со друго, туку како можен обид за пресврт на политичкиот курс на земјата. Анкетите покажуваат дека неговата Тиса има реална шанса да го загрози Фидес, а кампањата ја гради врз пораки за корупција, економска стагнација и потреба од поправени односи со ЕУ. Но и ако дојде до промена на власта, тоа не значи дека системот изграден изминатите 16 години лесно ќе се демонтира.
Затоа значењето на овие избори е поголемо од самата Унгарија. Ако Орбан победи, тоа ќе биде уште еден доказ дека моделот на тврда националистичка власт и натаму функционира. Ако загуби, пораката ќе биде поинаква: дека и најцврсто изгледаните политички системи сепак не се недопирливи. Во време кога десниот популизам расте во повеќе европски држави, токму затоа Будимпешта деновиве ја гледа цел континент.