Ако сте добиле мејл од Google – не го игнорирајте: можно е да имате право на обештетување

Доколку во изминатите недели сте добиле електронска порака од Google поврзана со нагодба за Google Play и сте помислиле дека станува збор за измама – не сте единствени. Сепак, во овој случај станува збор за реална и официјална судска нагодба, според која дел од корисниците имаат право на парично обештетување.

Ако во периодот од 2016 до 2023 година сте купувале апликации или сте плаќале содржини во рамки на апликации преку Google Play, можно е да исполнувате услови за исплата. Иако износот за повеќето корисници ќе биде симболичен – околу два долари, случајот се смета за важен преседан, пишува специјализираниот технолошки портал Bytebox.

За што станува збор?

Мејловите со наслов „Notice to Consumers Who Made Payments Through the Google Play Store“ почнаа да пристигнуваат уште во декември, а се поврзани со голема мултидржавна тужба против Google во САД.

Тужбата ја поднеле сите американски сојузни држави, Вашингтон ДЦ и неколку територии, обвинувајќи ја компанијата за антиконкурентни практики во рамки на Android екосистемот.

Во фокусот е Google Play продавницата и задолжителниот систем за наплата Google Play Billing. Според тужителите, Google ја злоупотребувал својата доминантна позиција, ограничувајќи ја конкуренцијата, принудувајќи програмери и корисници да користат исклучиво негов систем за плаќање и оневозможувајќи развој на алтернативни методи.

Последиците, како што се наведува, биле повисоки цени, помал избор и полоши услови за програмерите, а индиректно и за крајните корисници. Google ги негираше обвинувањата, но на крајот прифати нагoдба вредна 700 милиони долари.

Кој има право на исплата?

Право на обештетување имаат сите корисници кои меѓу 16 август 2016 и 30 септември 2023 година користеле Google Play Billing за:

  • купување апликации,
  • отстранување реклами,
  • претплати,
  • или други купувања во рамки на апликации.

Ако некогаш сте платиле апликација или „премиум“ опција на Android уред, голема е веројатноста дека сте опфатени со нагодбата.

Колку пари ќе добијат корисниците?

Иако вкупната сума изнесува 700 милиони долари, околу 70 милиони ќе одат директно кај сојузните држави, додека преостанатите 630 милиони долари ќе се поделат меѓу милиони корисници. По одземање на административните трошоци и адвокатските хонорари, се очекува минималната исплата по корисник да биде околу два долари.

Како ќе се врши исплатата?

Исплатите ќе се вршат автоматски, преку PayPal или Venmo, користејќи ја мејл-адресата или телефонскиот број поврзани со Google Play профилот. Конечното судско одобрување на нагодбата се очекува на 30 април 2026 година.

За корисниците кои немаат пристап до својот Google налог или до овие платформи, ќе биде овозможено поднесување посебно барање на подоцнежен датум.

Доколку, пак, сакате да се исклучите од нагодбата и да го задржите правото самостојно да го тужите Google, или да поднесете официјален приговор, тоа мора да го сторите најдоцна до 19 февруари 2026 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен