Активисти протестираат пред зградата на Владата во Белград, барајќи оставка од министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ. Просторот пред влезот во министерството е обезбеден со полициско присуство.
Иван Бјелиќ, претставник на групата SviĆe („Се разденува“), повика министерот итно да поднесе оставка и предупреди дека ако ова не се случи, во Нови Сад во вторник ќе следи поголем протест.
Активистите, кои протестираа поради трагедијата во Нови Сад, носат ракавици обоени во црвено и транспаренти со пораки како „Рацете ви се крвави“, барајќи одговорност од властите. Тие извикуваат „оставка“ и се обраќаат директно до полицијата, поставувајќи прашања за министровата одговорност и негова евентуална оставка.
Според активистите, овој протест е само почеток на граѓанска непослушност, а доколку не се поднесат оставки, најавуваат порадикални чекори на протестот во Нови Сад.
Копретседателката на „Заедно“, Билјана Стојковиќ, за ТВ Н1 изјави дека властите ги довеле граѓаните до граница на издржливост и оти дијалогот со нив станал невозможен.
Активистите добија информација дека Никола Ристиќ, член на SviĆe, кој бил приведен пред протестот кај старата железничка станица, е пуштен на слобода.