Сирија во последните шест месеци привлече странски инвестиции во вредност од 28 милијарди долари, по реформата на инвестиционите закони, изјави денеска привремениот претседател Ахмед ал-Шара.
„Сирија денес е отворена кон светот и започна ново поглавје. За само десет месеци успеавме повторно да ја зацврстиме нашата регионална и меѓународна позиција, со поддршка од многу земји, пред сè Саудиска Арабија“, рече ал-Шара на инвестициска конференција во Ријад.
Тој истакна дека реформите ги направиле сиријските инвестициски закони меѓу најповолните во светот, со поедноставени процедури, даночни и царински олеснувања и посилна правна заштита за инвеститорите.
Ал-Шара нагласи дека Сирија сега има партнерства со Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Турција, а проекти се реализираат и со Бахреин, Јордан и компании од САД.
„Стабилна Сирија е од интерес за целиот регион. Наместо помош, сакаме обновата да ја постигнеме преку инвестиции“, истакна тој.
Земјата е во транзициски период по соборувањето на Башар ал-Асад во декември, со што заврши повеќедецениското владеење на неговото семејство.
