Аларм во Полска: Затворени два аеродрома и кренати ловци

Полска ноќеска ги подигна своите и сојузничките борбени авиони и привремено ги затвори аеродромите во Лублин и Жешув поради интензивни руски напади со ракети и дронови врз Украина. Оперативната команда соопшти дека противвоздушната одбрана и радарските системи се ставени на „највисока приправност“, нагласувајќи дека мерките се превентивни и дека силите се подготвени за итна реакција. Жешув, преку кој минува главниот сојузнички снабдувачки коридор за Украина, е притоа најчувствителната карика во логистичката мрежа на НАТО на источниот фронт.

Серијата инциденти со длабоки навлегувања на руски дронови во полскиот воздушен простор од 10 септември наваму, како и последователните прекршувања од руски воени авиони над дел од НАТО-територија, ја заострија политичката клима во Варшава. Премиерот Доналд Туск и шефот на дипломатијата Радослав Сикорски најавија дека Полска ќе урива секое летало што реално ќе ја повреди нејзината територија, но Туск додаде дека конечната одлука ќе зависи од заедничката проценка на сојузниците дали се работи за закана, а не за грешка или кратка провокација.

Притисокот го засилува и јавното мислење. Анкета на Onet.pl покажува дека 67 проценти од Полјаците бараат соборување на руски воени авиони доколку ја наруши полската територија, додека само 8,7 проценти се против реакција. Во друга анкета, 74 проценти оцениле дека претседателот на САД требало поодлучно да реагира на септемвриските упади со дронови. Изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека таа ноќ кон Полска биле испратени 92 руски дрона, од кои „поголем дел“ биле соборени од украинската ПВО, дополнително го крена алармот во регионот.

Варшава се обидува да балансира меѓу одвраќање и избегнување на директна ескалација, во ситуација кога и Минск призна дека дел од дроновите во Полска навлегле од белоруска територија. Во такви услови, секунда по секунда станува политика: колку брзо ќе се „запуши“ воздушниот коридор за инциденти, а да не се прекине бранот поддршка кон Украина што мина токму преку Жешув.

Зачлени се на нашиот е-билтен