Обилните врнежи во изминатите 24 часа предизвикаа нагло полнење на речните корита и значително зголемување на водостојот, поради што Управа за хидрометеоролошки работи издаде предупредување дека состојбата може дополнително да се влоши во текот на денот.
Најизразен ризик се посочува во Полошки регион, каде во горниот слив на Вардар е регистриран висок водостој, со можност за заезерување во делови од Полошка Котлина и локални излевања на помалите реки и суводолници во гостиварско и тетовско.
Зголемен водостој е забележан и на Треска, при што како потенцијално критични точки се наведуваат селата Пласница и Лисичани. Воедно, се очекува пораст и на нејзината лева притока, Кичевска Река, што дополнително го крева ризикот за локални излевања во Кичево и околината.
Во Пелагониски регион и пошироко, Црна Река бележи континуиран пораст, а како подрачја со можни излевања се спомнуваат делови од Демир Хисар, кичевско и пелагонискиот крај. Паралелно, покачено ниво има и во Охридско-Струшки регион, каде реките Сатеска и Коселска се наведуваат како водотеци со зголемен водостој и ризик од локални излевања на помали притоки и водотеци.
Од Управа за хидрометеоролошки работи апелираат граѓаните да бидат крајно претпазливи и да избегнуваат движење покрај реки и водотеци во западните делови на земјата, а да се следи состојбата и во источните делови, каде се можни изолирани поинтензивни врнежи. Надлежните најавуваат редовно информирање доколку дојде до дополнително влошување на хидролошката состојба.