На прес-конференција на СДСМ, Елена Радеска од Комисијата за здравство оцени дека на Клиниката за онкологија „алармантно недостигаат“ лекови и реагенси, а дел од апаратите за зрачење „не функционираат“. Според Радеска, пациенти во животно загрозувачка состојба се принудени да набавуваат терапија од странство и да плаќаат приватно за дијагностички анализи.
На прес конференцијата беше посочено дека раководството на Клиниката за Онкологија признало застој кај апаратот за гинеколошка брахитерапија поради задоцнет договор за сервис и дека одложувањата на терапиите „директно го зголемуваат ризикот по живот“. Како причина за прекините, СДСМ ги наведе „тендерските процедури и дистрибутерските грешки“, додавајќи дека проблемите со снабдувањето и организацијата се континуирани.
СДСМ побара итна одговорност од министерот за здравство и раководството на Клиниката, гаранција за континуирана достапност на лекови и реагенси, неодложно ставање во функција на апаратите за зрачење и брахитерапија и независна контрола/ревизија на целиот онколошки систем за утврдување на прекините и одговорноста. „Животот на пациентите не е бројка на тендер,“ порача Радеска, додавајќи дека државата мора да биде „најсилен сојузник“ на болните кои се лекуваат на Онкологија.