Албанија под вода: 1.587 поплавени објекти, 339 евакуирани, една жртва

Врнежите од дожд во Албанија почнале да се намалуваат во поголемиот дел од земјата, со исклучок на Драч, но последиците од невремето остануваат сериозни. Премиерот Еди Рама на состанок на Меѓуминистерскиот комитет за цивилни вонредни ситуации соопшти дека досега се евидентирани 1.587 поплавени домови и други објекти, а евакуирани се 339 лица и 51 семејство. Рама потврди и дека има една жртва – вработен во комуналната служба на општина Драч.

Под вода, според проценките презентирани на состанокот, се и 13.211 хектари земјоделско земјиште, што го отвора прашањето за штети во производството и снабдувањето во наредниот период. Рама нагласи дека во дел од средините има навлегување вода и во здравствени центри и образовни установи, посочувајќи дека во изминатите три до четири дена паднале и до 300 милиметри дожд на квадратен метар, односно количина што вообичаено се собира за цел месец. Во своето обраќање тој го поврза интензитетот на врнежите со климатските промени и најави дека штетите ќе бидат надоместени.

Вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку оцени дека состојбата денеска изгледа подобра на национално ниво и дека снабдувањето со електрична енергија е речиси стабилизирано. Таа наведе дека над 1.600 вработени се на терен од 2 јануари, со фокус на најпогодените области Тирана, Драч, Валона, Ѓирокастро и Елбасан, додека северот останува под надзор, но со помали проблеми поради претходни инвестиции.

Министерката за внатрешни работи Албана Кочиу информираше дека низ целата земја се распоредени околу 5.500 службеници на државната полиција со околу 700 возила, а противпожарната служба ангажира над 720 службеници, 55 противпожарни возила и 22 пумпи во најкритичните области, додека службите продолжуваат со интервенции и проценка на штетите.

Зачлени се на нашиот е-билтен