Од денес, 13 октомври, електричните тротинети се целосно забранети на улиците во Албанија. Одлуката ја донесе Министерството за внатрешни работи, поради загрижувачкиот број на сообраќајни несреќи – дури 991 инцидент во текот на 2024 година, од кои дел завршиле со смртни случаи и сериозни повреди.

Министерката за внатрешни работи, Албана Кочиу, и генералниот директор на државната полиција, Илир Прода, најавија дека забраната е привремена, сè додека не се изготви нова регулатива што ќе утврди каде, како и под кои услови ќе може да се користат овие возила.
„Ќе подготвиме јасни и применливи правила. Ќе дефинираме кои ленти и патишта смеат да ги користат тротинетите, какви заштитни мерки се задолжителни и која е минималната возраст за користење“, изјави Кочиу.
Додека трае оваа забрана, државната полиција започнува акција за запирање на движењето на сите електрични тротинети на јавните улици.
Албанија не е единствената земја што презема вакви мерки – Франција, Италија, Германија веќе воведоа ограничувања или делумни блокади поради безбедносни ризици.
Министерството најавува дека новите правила ќе дозволат лична употреба на тротинетите, но само под строго дефинирани услови:
- минимална возраст од 16 години,
- задолжителна кацига и осветлување,
- ограничена брзина и јасно означени зони за движење.
До донесувањето на новата регулатива, електричните тротинети остануваат надвор од сообраќајот во Албанија.