Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Алиу: Заокружена првата фаза за измени на Законот за аудиовизуелни медиумски услуги, треба да се донесе до 31 мај

Законски решенија и дигитализација во јавната администрација и услугите за граѓаните најавува министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.

На брифинг со медиумите Алиу денеска соопшти дека е при крај подготовката на Стратегијата за реформа на јавната администрација, а со неа се опфатени повеќе закони што треба да се донесат и за кои веќе се почнати активности. 

Како што рече Алиу, со законот за плати во јавниот сектор треба да се најде системско решение за платите во овој сектор, а со законот за административни службеници во процесите ќе се применува мерит системот, но со јасни индикатори.

Со законот за вработени во јавниот сектор, пак, ќе се уредува ангажманот на кабинетските службеници и актите за систематизација.

– Сакаме да се децентрализираат процесите и пред ние да дадеме мислење да има мислење и од институцијата која ја бара систематизацијата, посочува Алиу, додавајќи дека приоритет е и законот за висока раководна служба со кој што ќе се обезбеди професионализација на раководните служби.

Дел од пакетот се и законите за органи на државна управа, а ако не биде донесен, како што нагласи Алиу, државата ќе има проблеми во користење средства од ИПАРД3.

Во делот на медиумите првата фаза од измените на Законот за аудиовизуелни медиумски услуги е заокружена и ќе биде поставен на Е-Влада. Тоа ќе се направи со цел да се изгласа што поскоро за да се испочитува зададениот рок  – 31 мај годинава за да не се изгуби пристапот до фондовите од Креативна Европа.

Измените се однесуваат на финансиите за јавниот сервис МРТ и се прави  анализа  со којашто се планира да се намалат сегашните средства во износ од 1 процент за МРТ што се предвидени доколку не се загрозува Буџетот на државата. Сега се анализира да се најде решение, но нема да биде еден процент, посочува Алиу.

Со законските измени ќе се понуди и решение за регулација на мултимедијалните содржини (текст, аудио, видео). Порталите во оваа фаза не се опфатени и ќе влезат во ново  решение. Првичните размислувања се тие да имаат регистрирана фирма во државава, како и минимум еден вработен како директор и уште двајца за работен процес.

Алиу истакна дека дигитализацијата бара многу пари  но како што посочи, со тоа ќе се намали ниската корупција, некомпатибилноста помеѓу институциите. Сите други држави, вели министерот, имаат повеќе дигитализирани процеси споредено со нас.

Тој тврди дека дигитализацијата нема да повлече намалување на работните места во администрација, во која сега во 1354 институции се вработени 129 374 лица. Таа бројка во однос на 2021 година е намалена за околу 2000.

Како што најави Алиу, со инфраструктура на АД Пошта ќе се воспостават услуги на едно места на над 300 локации по принципот на едношалтерски систем, услуга што сега е достапна на пет локации, во Скопје, Куманово, Битола, Охрид и Тетово. лв

Зачлени се на нашиот е-билтен