Алта банка ја купи Стопанска банка Битола

Алта Банка ќе биде финансиско прибежиште

„Алта банка“ АД Белград официјално ја заврши аквизицијата на Стопанска банка АД Битола. Пo завршената постапка и добиената согласност од Народната банка на Република Северна Македонија, битолската банка влезе во состав на „Алта Груп“, со најави за модернизација и унапредено корисничко искуство во согласност со локалната регулатива.

Процесот следи по понудата на „Alta Pay Group“ (сопственик на „Алта банка“) од мај, вредна околу 24 милиони евра, со планирана цена од 3.777 денари по акција. Во меѓувреме, понудата беше прифатена од 262 акционери, со што беа купени 344.420 акции или 88,09% од капиталот, по што уследи регулаторната завршница.

Први пораки по затворањето на трансакцијата дојдоа од раководствата на двете банки. Претседателот на УО на „Алта банка“, Давор Мацура, ја опиша аквизицијата како „пресвртница“ во регионалната консолидација и основа за понатамошен развој на групацијата, додека претседателката на УО на Стопанска банка Битола, Александра Радевска, најави „нова развојна фаза“ со задржување на континуитетот во работењето и целосно почитување на регулативата.

Домашните и регионалните медиуми известуваат дека постапката е спроведена според највисоки пазарни и регулаторни стандарди, со финално усогласување пред македонските институции. Со ова „Алта банка“ формално влегува на македонскиот пазар, продолжувајќи го трендот на регионални банкарски спојувања и преземања во изминативе години.

Зачлени се на нашиот е-билтен