Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Алжир е убав како Америка“, нов графички роман на стрип-издавачот „Бункер“

Издавачот „Бункер“, во рамките на едицијата „Апсолутни почетници“, го издаде осмиот графички роман „Алжир е убав како Америка“, од француските автори Оливија Бартон (сценарио) и Махи Гран (цртеж).

Дали по повеќе од половина век од независноста, војната во Алжир е навистина завршена? Ништо не е сигурно, бидејќи товарот на страдањата на актерите се пренесува на нивните потомци. Црни стапала е погрден назив за луѓето со француско потекло, кои биле родени и живееле во Алжир во периодот од 1830 година до 1962 година кога, по крајот на крвавиот алжирски конфликт, биле принудени да ја напуштат земјата и да се вратат во Франција. Оливија Бартон е црно стапало. Расте во Франција, слушајќи приказни за митскиот Алжир разорен од пеколот на војната, чии лузни се уште се чувствуваат на двете страни од Медитеранот. На 40 години и покрај предупредувањата, решава сама да отпатува и да ја запознае земјата на нејзините корени…

Оливија Бартон и Махи Гран создадоа прекрасно дело за комплицираните односи помеѓу двете земји. Колонијализам, расизам, војна, пост-воени трауми… ниту една болна тема не останува недопрена. И покрај тоа делото е раскажано на непретенциозен и духовит начин, без заземање страна. Со графичкиот роман, терапевтското патување и откривањето нова земја, Оливија Бартон гради нови мостови помеѓу Франција и Алжир, мостови помеѓу минатото и сегашноста. Има ли подобар и поефикасен начин конечно да се стави крај на војната?

Потребата од градење мостови и соживот, раскажана во графичкиот роман, испраќа силна хумана порака до читателите на овие простори.

Графичкиот роман (изворно е објавен во 2015 год.) доживеа голем успех во Франција, каде за кратко време беа објавени неколку нови изданија. Преведен е на неколку јазици, а македонското издание ќе биде негово прво објавување во регионот. Правата и материјалите се обезбедени од страна на Францускиот институт во Скопје, а објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик го поддржа и Министерството за култура.

Преводот од француски јазик е на Јоана Хаџи-Лега Христоска, а лектурата на Милена Стојановска. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, Тотем д.с.

Издавачот „Бункер“ веќе повеќе од 10 години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас.

Зачлени се на нашиот е-билтен