Amazon ќе плати рекордна казна од 2,5 милијарди долари за измама со Prime

Amazon прифати да плати 2,5 милијарди долари за да ја реши тужбата на американската Сојузна комисија за трговија (FTC), која го обвини дека милиони корисници биле измамени да се приклучат на услугата Prime, а потоа им било отежнато да се откажат од членството.

Од вкупната сума, 1,5 милијарди долари ќе бидат исплатени директно на купувачите погодени од оваа практика, што ја прави најголемата трговска казна во историјата на FTC.

FTC тврдеше дека Amazon користел агресивни „popup“ прозорци за време на купувањето и нејасни формулации за да ги наведе потрошувачите да се пријават на Prime, често без јасно објаснување на условите. Проблематични биле и бесплатните пробни периоди, бидејќи многу корисници не биле предупредени дека членството автоматски ќе се наплаќа по истекот.

„Amazon користеше софистицирани замки за претплата за да манипулира со потрошувачите, а потоа им го отежнуваше откажувањето. Со оваа нагодба враќаме милијарди долари и обезбедуваме вакви практики да не се повторат,“ изјави претседателот на FTC, Ендрју Фергусон.

Се проценува дека околу 35 милиони Американци ќе имаат право на поврат на средства, кој би можел да достигне до 51 долар по лице.

Amazon, кој негира вина, се согласи да ги поедностави процедурите за откажување на Prime и да укине манипулативни пораки од типот „Не, не сакам бесплатна достава“.

Зачлени се на нашиот е-билтен