Амбасадорите на групата Квинт и шефот на Канцеларијата на Европската унија во Приштина денеска се сретнаа со заменикот народен правобранител и претставници на српската заедница во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Како што напиша на платформата „Х“ амбасадорот на Германија, Јорн Роде, овие претставници на српската заедница се доверливи партнери во заедничките напори за унапредување на човековите права и меѓуетничките односи во Косово.
– Амбасадорите на Квинт и ЕУ имаа задоволство да се сретнат денеска со заменикот народен правобранител и претставници на српската заедница во Косово – кои се сите доверливи партнери во нашите заеднички напори за унапредување на човековите права и меѓуетничките односи во Косово, напиша Роде.
Групата Квинт ја сочинуваат петте највлијателни земји кои имаат амбасади во Косово – САД, Германија, Франција, Велика Британија и Италија.