Премиерот Христијан Мицкоски денес ја претстави најавената експлоатација на антимон кај кривопаланечкото село Луке како голема економска можност, со порака дека рудата ќе се вади во Македонија, а ќе се преработува во САД.

Но подлабоката слика покажува нешто посложено: не станува збор за обична рударска инвестиција, туку за влез на Македонија во новата геополитика на критичните минерали, каде Вашингтон бара алтернативи на кинеската доминација, а локалниот простор го носи еколошкиот товар.
Антимонот не е „ретка земја“, туку металоид, најчесто врзан во рудата стибнит. Се користи како зацврстувач во олово за батерии, во легури, во лемови, но и во антимон триоксид, кој е клучна суровина за огноотпорни материјали во пластика, текстил, гума, хартија и делови за автомобили и авиони.
Во САД водечките употреби се метални производи, вклучително антимонско олово и муниција, со 40 проценти, и огноотпорни материјали со 39 проценти; во ЕУ антимонот главно оди во flame retardants (угушувачи на оган), батерии и ПЕТ-пластика (се што е пластика за рециклажа). Затоа и Вашингтон и Брисел денес го третираат како критична, односно стратешка суровина.
Токму тука почнува американскиот интерес. Според USGS (Национална Геолошка служба на Америка), во 2024 година во САД не било ископано комерцијално количество антимон, а нето-увозната зависност изнесувала 85 проценти од домашната потрошувачка, заради проценетиот ризик по здравјето укажува студијата на Владата на САД.
Истовремено, Кина обезбедувала 63 проценти од американскиот увоз на антимон во форма на метал и оксид, а по воведувањето на кинеските извозни контроли и забраната за извоз во САД, цената на металот нагло скокна. Со други зборови, антимонот денес не е важен само затоа што е корисен, туку затоа што е тешко заменлив и снабдувањето со него е политички ранливо.

Во тој контекст треба да се чита и проектот Крстов Дол кај Крива Паланка. Достапните објави покажуваат дека проектот не го турка „американска рударска компанија“, туку австралиската Pela Global, која во март објави договор со американската International Development Finance Corporation за до 5 милиони долари проектно финансирање.
Самата компанија наведува дека парите се наменети за изработка на современа минерална проценка, комплетна еколошка и социјална студија и придвижување кон физибилити фаза. Тоа е важен детал: политичката порака во Скопје звучи како рудникот да е пред старт, а документите што ги објави инвеститорот покажуваат дека проектот сè уште е во подготвителна фаза.
Од геолошки аспект, локацијата не е непозната. Научни трудови покажуваат дека Крстов Дол бил релативно мал рудник што вадел антимон во периодите 1962–1970 и 1986–1988 година.
Главните минерали таму се стибнит и бертиерит, но се идентификувани и помали количини арсен, олово, цинк и други сулфиди, а талинг-јаловиштето, старото постројување за флотација и отпадните депонии се наоѓаат низводно по долината. Ова е клучно, затоа што ризикот кај вакви проекти ретко доаѓа само од „руда во карпа“, туку од тоа што останува зад ископот и преработката: прашина, јаловина, дренажни води и стар или нов технолошки отпад.
Дали антимонот е опасен? Краткиот одговор е: да, но опасноста зависи од хемиската форма и од начинот на изложеност. EPA и ATSDR наведуваат дека хроничната инхалациона изложеност на антимон е поврзана со воспаленија на белите дробови, хроничен бронхит, емфизем и кардиоваскуларни дефекти.
Националната токсиколошка програма во САД оценува дека антимон триоксидот е „reasonably anticipated to be a human carcinogen“, односно се смета за канцероген елемент.
IARC во 2023 година ги класифицираше тривалентните соединенија на антимон како веројатно канцерогени за луѓето. Тоа не значи дека секоја антимонска руда автоматски има ист ризик како антимон триоксидот, но јасно значи дека рудник и постројка без строга контрола на прашина, воздух, вода и отпад не се само индустриско, туку и јавно-здравствено прашање.
За Крстов Дол ризикот не е теоретски. Во научна студија на Универзитетот Гоце Делчев од Штип, за мобилноста на арсен и антимон во Македонија, истражувачите утврдиле дека водите околу Крстов Дол се умерено алкални, но јасно покажуваат влез на елементи од рударските и преработувачките активности, при што неколку водни примероци ги надминуваат screening вредностите и препораките за вода за пиење, а концентрациите на антимон остануваат покачени сè додека потокот не се влее во поголема река.
Истата студија покажува и зголемени концентрации во седиментите неколку километри низводно, како последица на влијание од талинг-јаловиштето. Уште поважно, авторите нагласуваат дека во вакви алкални услови арсенот и антимонот можат да останат растворени и да се пренесуваат на подолги растојанија.

Затоа главното прашање за Македонија не е дали антимонот е корисен. Корисен е, и тоа доволно за да стане дел од безбедносната и индустриската стратегија на САД и ЕУ. Вистинското прашање е дали државата ќе влезе во оваа приказна како сериозен регулатор или само како издавач на концесија.
Ако проектот навистина оди напред, јавноста пред почетокот мора да види целосна еколошка и социјална студија, јасен план за управување со јаловиштето, основни мерења на вода, воздух и почва, финансиски гаранции за санација и одговор на едно старо македонско прашање: што останува по рудникот кога ќе замине профитот.
Во спротивно, антимонот лесно може да стане уште еден пример како глобалната трка по „критични минерали“ на Западот ѝ носи стратегиска корист, а на локалната средина ѝ остава долг рок на ризик.