Поранешен полицаец од сојузната држава Тенеси поднесе тужба против локалните власти откако поминал 37 дена во притвор поради објава на меме на Фејсбук, тврдејќи дека му биле прекршени уставните права, објави The Guardian.
Станува збор за Лери Бушарт (61), кој десет дена по убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк споделил мем во коментар под најава за бдеење во округот Пери. Мемот прикажувал фотографија од поранешниот американски претседател Доналд Трамп со изјава дадена по пукањето во средно училиште во Ајова во 2024 година – „Мораме да го преболиме тоа“. Бушарт додал коментар: „Ова денес изгледа релевантно“.
Веќе следниот ден, полицијата дошла во неговиот дом, го уапсила и го обвинила за „закана со масовно насилство во училиште“. Судот му одредил кауција од два милиони долари, која не можел да ја плати, поради што бил задржан во затвор 37 дена.
Шерифот на округот Пери, Ник Вимс, тврдел дека дел од жителите можеле да ја протолкуваат објавата како закана кон локалното средно училиште, иако мемот се однесувал на настан што се случил во друга сојузна држава. Во изјави за локалните медиуми, Вимс рекол дека објавата предизвикала страв кај родителите и признал дека неговата канцеларија знаела на што се однесува мемот, но дека „јавноста тоа не го знаела“.
Бушарт и неговите адвокати ги отфрлаат овие тврдења, наведувајќи дека нема никакви докази оти некој ја сфатил објавата како закана. Во тужбата се посочува и дека училишниот округ Пери нема никаква евиденција поврзана со Бушарт или спорниот мем.
Кривичната пријава против него била отфрлена кон крајот на октомври, по што бил ослободен. Оваа недела, со поддршка на организацијата Foundation for Individual Rights and Expression (FIRE), Бушарт поднесе тужба против шерифот, округот Пери и истражителот кој го обезбедил налогот за апсење.
Тој бара судење пред порота и парична отштета, наведувајќи дека поради притворот ја изгубил и работата во медицински транспорт, која ја работел по пензионирањето.
„Поминав повеќе од 30 години во полицијата и имам длабока почит кон законот. Но исто така ги знам своите права – а бев уапсен само затоа што одбив да бидам замолчен“, изјави Бушарт.
Неговиот адвокат од организацијата FIRE предупреди дека ваквите случаи претставуваат сериозна закана за слободата на говорот загарантирана со Првиот амандман на американскиот Устав.