Американската војска изврши големи напади врз ИЗИС во Сирија

Американското Централно командно заповедништво (CENTCOM) соопшти дека вчера околу 18:30 часот по локално време, американските сили, заедно со партнерски сили, извршиле обемни воздушни и копнени напади врз повеќе цели на терористичката организација Исламска држава (ИЗИС) на територијата на Сирија.

Нападите се дел од операцијата „Hawkeye Strike“, која беше започната на 19 декември 2025 година по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, како директен одговор на смртоносниот напад на ИСИС врз американски и сириски сили во Палмира на 13 декември.

Во тој напад, изведен од припадник на ИЗИС, загинаа двајца американски војници и еден американски цивилен преведувач, информира CENTCOM.

Од американската војска наведуваат дека денешните напади биле насочени кон позиции на ИЗИС низ цела Сирија, со цел спречување на идни напади, заштита на американските и партнерските сили и продолжување на борбата против исламскиот тероризам во регионот.

„Доколку им наштетите на нашите војници, ќе ве пронајдеме и ќе ве елиминираме каде било во светот, без разлика колку се обидувате да избегнете одговорност“, порачаа од CENTCOM.

Американската страна нагласува дека операциите против ИЗИС ќе продолжат сè додека постои закана за безбедноста на нивните сили и сојузниците во регионот.

Зачлени се на нашиот е-билтен