Грција и Соединетите Американски Држави работат на заеднички план за транспорт на американски течен природен гас (LNG) преку грчки бродови, објави денеска министерот за поморство Василис Кикилиас. Планот, како што најави, ќе биде претставен во наредните месеци.
На 15. Конференција на Capital Link во Атина, Кикилиас истакна дека „САД произведуваат и извезуваат LNG, додека грчката флота, со 5.700 бродови, претставува 20% од глобалната флота и дури 24,5% од светскиот капацитет за транспорт на LNG. Очигледно е дека можеме да работиме заедно за нови работни места и економски раст преку партнерства во енергетиката и транспортот.“
Тој потсети дека пред и за време на неговата неодамнешна посета на САД, остварил низа средби во Атина и Вашингтон со американскиот секретар за внатрешни работи Даг Бергам, секретарот за транспорт Шон Дафи, високи претставници на Стејт Департментот, како и со банки, сенатори, гувернери и претставници на приватниот сектор.
„Разговорите беа продуктивни. Постојат јасна волја и заедничка посветеност за соработка. Нашите тимови работат на реален и изводлив план кој наскоро ќе биде претставен,“ рече министерот.
Кикилиас нагласи и дека Грција има потенцијал да стане клучен енергетски центар за регионот: „Нашата земја е врата за LNG од различни држави, вклучително и од САД, со што се олеснува снабдувањето на југоисточна Европа и се зајакнува енергетската безбедност.“
Според него, односите меѓу Грција и САД се на „многу високо ниво“ и понатаму се унапредуваат: „Во енергетиката, бродоградбата и транспортот се отвораат големи можности. Нашата обврска е да ги искористиме.“