Американски и јордански авиони денеска доставија прехранбени производи за Палестинците во Појасот Газа како дел од заедничката операција за доставување хуманитарна помош, соопшти американската Централна команда.
Американските воздухопловни сили и авионите на кралските јордански воздухопловни сили Ц-130 го извршија хуманитарниот лет бидејќи главната агенција на ОН која работи во енклавата соопшти дека секое трето дете на возраст под две години е акутно неисхрането. Агенцијата предупреди дека претстои глад во енклавата.
Во соопштението, Централната команда на САД ги нарече воздушните доставувања „дел од континуираните напори“ и наведе дека продолжуваат да планираат дополнителни доставувања по воздушен пат“.
Голем дел од Појасот Газа е во урнатини, а неговите 2,3 милиони Палестинци се соочуваат со сериозен недостиг на храна повеќе од пет месеци откако Израел започна воздушна и копнена офанзива по 7 октомври, кога владејачката исламистичка група Хамас во енклавата го нападна Израел.
Јорданската кралица Ранија, во интервју за Си-Ен-Ен, го нарече доставувањето храна по воздушен пат „буквално само капка во океанот на незадоволени потреби“ и го обвини Израел дека „го прекинува пристапот до сè што е потребно за одржување на човечкиот живот: храна, гориво, лекови, вода“.