Американски научници наградени со Нобелова награда за експеримент што го помести поимот на квантната физика

Нобеловата награда за физика за 2025 година им припадна на тројца научници од САД – Џон Кларк, Мишел Х. Деворе и Џон М. Мартинис – за нивните револуционерни истражувања во областа на квантната механика, соопшти денеска Кралската шведска академија на науките.

Лауреатите ќе ја поделат наградата за откривање на макроскопско квантномеханичко тунелирање и квантизација на енергијата во електрично коло – експерименти што покажале дека квантните ефекти можат да се набљудуваат и на ниво доволно големо за да се држи во рака.

Научниците, Британец, Французин и Американец по потекло, соработуваат со Универзитетот во Калифорнија, каде Деворе и Мартинис работат во кампусот „Санта Барбара“, а Кларк е дел од тимот на Универзитетот Беркли. Деворе е истовремено ангажиран и на Универзитетот „Јејл“.

„Воопшто не помисливме дека ова може да биде основа за Нобелова награда,“ изјави Кларк на прес-конференција, додавајќи дека веста го изненадила целиот тим.

Во соопштението на Академијата се нагласува дека квантната механика овозможува честичките да минуваат низ бариери – појава позната како тунелирање. Обично овие ефекти се забележуваат само кај микроскопски системи, но експериментите на тројцата добитници докажале дека квантното тунелирање може да се појави и на макроскопско ниво.

Наградата носи паричен надоместок од 11 милиони шведски круни, односно околу еден милион американски долари.

Минатата година Нобеловата награда за физика им беше доделена на Џефри Хинтон и Џон Хопфилд за нивните фундаментални откритија во машинското учење, кои го отворија патот за современата употреба на вештачката интелигенција. Во 2023 година, пак, наградата ја добија тројца европски научници кои со помош на ласери го расветлија движењето на електроните – процес што до неодамна се сметаше за невозможно да се набљудува.

Зачлени се на нашиот е-билтен