Ангелов: Барам итна реакција, Водно почнува да лизга

Лизгањето на земјиштето на падините на Водно веќе не е предупредување на хартија, туку реален ризик кој, според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, може да прерасне во закана за објекти, инфраструктура и човечки животи, доколку институциите не реагираат навреме и координирано.

Ангелов јавно ги повика сите надлежни да ја сфатат ситуацијата „крајно сериозно“ и да не чекаат да се случи штета за да се види дека проблемот е вистински. Според него, дел од објектите на падините веќе се во зона на ризик и постои реална можност лизгањето да се интензивира, особено доколку продолжат врнежите кои го заситуваат горниот слој на почвата и ја прават падината нестабилна.

Директорот на ДЗС потсети дека во последните недели институциите веќе отворија повеќе процеси околу Водно – од итните координативни средби во Центарот за управување со кризи (ЦУК), до изработка на ургентен план за стабилизација на критичната зона над улиците Белградска и Партеније Зографски, каде што првично беше регистрирано обрушување на земјиште. На овие состаноци учествуваа ЦУК, Општина Центар, градски и државни служби, како и стручни тимови од геомеханичари и инженери.

Првичните анализи покажуваат дека свлечиштата на Водно не се изолиран инцидент, туку дел од подолгогодишен процес. Со години се регистрираат помали и поголеми лизгања – од делницата кон Теферич и улица Мариовска, до патот за Сончев Град кој, и покрај милионските вложувања, сè уште не е пуштен во употреба токму поради нестабилниот терен и ризикот од нови свлечишта.

Во таков контекст, пораката на Ангелов до жителите на Водно и до јавноста е двослојна. Од една страна, тој предупредува дека навиката да се живее под планината создава лажна слика дека „ништо сериозно не може да се случи“, иако снимките од свлечишта ширум светот – а и во самата држава – покажуваат колку брзо може да пропадне целиот рид над населено место. Од друга страна, инсистира дека медиумите имаат клучна улога во кревање на свеста, особено кај оние што веќе забележуваат пукнатини на објекти, движење на подот или промени во дворовите, но сè уште не го поврзуваат тоа со лизгањето на теренот.

Институционалните планови, барем на хартија, се јасни: засилен надзор, детални геомеханички испитувања, техничко обезбедување на најкритичните точки, уредување на дренажните системи и изработка на трајни потпорни конструкции таму каде што тоа е изводливо. Заклучоците од последните состаноци веќе се пратени до Владата, која треба да одлучи како и со кои средства ќе се интервенира – вклучително и во делови што се водат како приватен имот, но се директно поврзани со јавната безбедност.

На терен, меѓутоа, времето тече побрзо од административните процедури. Лизгачките процеси ретко даваат „втори шанси“ – особено во урбано подрачје каде во радиус од неколку стотини метри има згради, улици, паркиралишта, водоводни линии и друга критична инфраструктура. Затоа и апелот на Ангелов доаѓа како дополнителен притисок врз властите: токму сега е моментот да се премине од координативни состаноци на конкретни градежни, инженерски и превентивни зафати, пред Водно дефинитивно да „дојде во Центар“.

Зачлени се на нашиот е-билтен