Борбата против огнот во ловиштето Јасен продолжува. Од земја дејствуваат припадници на специјалните единици на армијата и полицијата заедно со екипи на ЈП „Јасен“. Од воздух дејствуваат еден ер трактор на Дирекцијата за заштита и спасување и еден полициски хеликоптер, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
„Една линија на пожарот која се протегаше исклучително стрмно над асфалтираниот пат кој низ ловиштето Јасен води од Скопје кон езерото Козјак, е успешно изгасната од страна на армиските Волци со што е спасена поголема површина зимзелена шума“, вели Стојанов.
Потенцира дека борбата со огнот на моменти е ризична поради што сѐ уште не може да се воспостави контрола над овој шумски пожар кој се одвива на екстремно тежок терен.
Воедно, информира дека пожарот над село Свиларе е целосно изгаснат, додека пожарот на територијата на село Радуша сѐ уште е активен и се движи кон општина Јегуновце.