На 11 денови пред изборите за претседател на САД, Доналд Трамп е во мала предност пред потпретседателката Камала Харис, бидејќи гласачите развиле попозитивен став кон неговата агенда и минатиот учинок а понегативен кон нејзината, се дознава од најновата анкета на „Волстрит журнал“.
Анкетата одржана на национално ниво од 19 до 22 октомври меѓу 1.500 регистрирани избирачи, покажува дека Трамп води пред Харис со два отсто, 47% наспроти 45%, во споредба со предноста на Харис од 2 отсто во истата анкета одржана во август, во која беа вклучени и кандидати од трети партии и независни кандидати. Двете водства се во рамките на маргината на погрешност, што значи дека било кој од кандидатите би можел всушност да биде во предност, појаснуваат од „Волсрит журнал“.
Анкетата сугерира дека серијата негативни реклами во кампањата, како и настапите на самите кандидати, нарушиле некои од позитивните впечатоци за Харис развиени кај гласачите откако таа го замени претседателот Џо Бајден како можен, а потоа и потврден кандидат на Демократската партија.
На прашањето „ако изборите би се одржувале денеска, дали би гласале за Доналд Трамп или за Камала Харис“, 49 отсто од испитаниците одговориле дека би гласале за Трамп, додека 46 отсто кажале дека би гласале за Харис.
Одговорите на прашањето „дали ја одобрувате или неодобрувате работата на Доналд Трамп и на Камала Харис“, се во полза на Трамп и 52 отсто од испитаниците кажале да ја одобруваат неговата работа, додека 48 отсто дека не ја одобруваат. Додека за Харис само 42 отсто рекле дека ја одобруваат нејзината работа, наспроти 54 отсто дека не ја одобруваат.
Трите најважни работи за Американците моментално се средување на имиграцијата, економијата и инфлацијата, како и запирање на војната на Израел со Хамас.
Во овие области Трамп води и испитаниците го избираат него како подобар кандидат за решавање на овие проблеми наспроти Хари. Единствени области за кои Американците ја преферираат неа се абортусот, социјалната сигурност и општото здравствено осигурување.
Борис Камчев од Вашингтон за Рацин.мк