Државната комисија за спречување на корупцијата предупреди дека носењето посебни закони по скратена постапка, со кои се заобиколуваат системските правила за јавни набавки, претставува висок ризик од корупција. Реакцијата следува по поднесувањето на Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, со кој набавките на новата фондација се изземаат од Законот за јавните набавки.
Антикорупциската комисија не бара запирање на проектот, туку предупредува дека неговото културно и европско значење не може да биде оправдување за ограничување на транспарентноста, конкуренцијата и контролата врз трошењето јавни пари. Според ДКСК, секое отстапување од системските закони мора да биде јасно и убедливо образложено, да биде пропорционално со целта и да содржи ефикасни механизми против корупција и злоупотреба.
Спорната одредба се наоѓа во член 21 од предложениот закон. Во неа директно се наведува дека врз набавките на стоки, услуги и работи што ги врши Фондацијата нема да се применуваат одредбите од Законот за јавните набавки. Наместо според системскиот закон, постапките би се воделе според општи начела и интерни упатства што ќе ги донесува Одборот на Фондацијата.
Предлогот предвидува посебен режим за набавки со проценета вредност под три милиони денари без ДДВ за стоки и услуги и под шест милиони денари за работи. Според истиот режим би се спроведувале и набавките за културно-уметнички програми, аудиовизуелни содржини, медиумски простор, изнајмување недвижности, како и авторски договори и договори на дело.
Одборот на Фондацијата би го усвојувал планот за набавки, би ги носел интерните упатства и би формирал посебна петчлена комисија за секоја постапка. Претседателот и членовите на комисијата би можеле да бидат ангажирани со договор на дело. По евентуалните приговори повторно би одлучувал Одборот, во рок од пет дена.
ДКСК потсетува дека постојниот Закон за јавните набавки веќе предвидува однапред утврдени критериуми, јавна објава на постапките и договорите, независен надзор, правна заштита на економските оператори, еднаква конкуренција и правила за спречување судир на интереси. Доколку Собранието оцени дека е неопходен посебен закон, Комисијата бара во него да бидат вградени најмалку истите механизми на контрола и отчетност.
Дополнително прашање отвора начинот на управување со Фондацијата. Според предложениот текст, членовите на Одборот и на Надзорниот одбор ги именува и разрешува градоначалникот на Скопје. Одборот го избира директорот, а доколку Одборот не е именуван, директорот може непосредно да го назначи градоначалникот. Статутот при основањето, исто така, го носи градоначалникот.
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата претходно побара предлогот да биде повлечен, да се објави на ЕНЕР и да биде подложен на јавна расправа и антикорупциска процена. Од Платформата оценија дека изземањето на Фондацијата од Законот за јавните набавки создава опасен преседан, особено бидејќи станува збор за правно лице основано од Град Скопје и финансирано претежно со јавни средства.
Предлог-законот е поднесен од група пратеници по скратена постапка. Во образложението се наведува дека постојниот институционален систем не обезбедувал доволно флексибилна рамка за повеќегодишното финансирање, меѓународната соработка и навремената реализација на проектот. Истовремено, самиот предлог потврдува дека неговото спроведување ќе има финансиски последици за државниот буџет, Буџетот на Град Скопје и буџетите на општините.
Антикорупциската комисија наведува дека токму донесувањето закони по скратена постапка, со кои се ограничува примената на системските закони, е идентификувано како висок корупциски ризик во Националната стратегија за спречување на корупцијата 2026-2030. Комисијата бара ваквите предлози задолжително да ѝ бидат доставувани пред нивното усвојување, за навреме да се проверат можните празнини, дискрециони овластувања и ризици за јавните средства.
