Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, во еден од своите најостри коментари досега за конфликтот во Газа, во средата (25 октомври) рече дека палестинската милитантна група Хамас не е терористичка организација, туку ослободителна група која се бори за заштита на палестинските земји.
„Хамас не е терористичка организација, тоа е ослободителна група, „муџахедини“ кои водат битка за заштита на своите земји и луѓе“, им рече на пратениците од неговата владејачка АК Партија, користејќи арапски збор што ги означува оние кои се борат за својата вера, пренесува Еуроактив.
И покрај тоа што е членка на НАТО, Турција, за разлика од многу нејзини сојузници во Алијансата и ЕУ, не го смета Хамас за терористичка организација и е домаќин на членовите на групата на своја територија. Анкара поддржува решение со две држави за деценискиот израелско-палестински конфликт.
Ердоган, исто така го обвини Израел дека ги искористил „добрите намери“ на Турција и рече дека ја откажал претходно планираната посета на Израел.
„Еднаш во животот му подадов рака на овој човек по име Нетанјаху“, рече Ердоган, осврнувајќи се на неговата средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на маргините на Генералното собрание на ОН минатиот месец.
„Ако тој (Нетанјаху) продолжеше со добри намери, нашите односи можеби ќе беа поинакви, но сега, за жал, ниту тоа нема да се случи бидејќи ги искористија нашите добри намери“, додаде тој.
Коментарите на Ердоган се чини дека се во корелација со ескалацијата на антисемитизмот во Турција. По терористичката акција на Хамас врз израел, војната помеѓу Израел и Хамас и израелското бомбардирање на цивилни цели во Газа, на социјалните мрежи во Турција пораките со антисемитска содржина земаа замав. На мрежата Икс се појави фотографија од продавница за книги во Истанбул на чиј влез е истакнат натпис со антисемитска содржина на кој пишува дека „влезот за Евреите не е дозволен“.
Ова потсетува, како што искоментираа неколку корисници под фотографијата, на едно друго време, 1930-тите години од минатиот век и една друга држава (се мисли на нацистичка Германија), кога вакви натписи, со забрана за влез на Евреите, беа истакнувани на продавници, трамваи, училишта, државни институции, и истите претставуваа злослутен предвесник на Холокаустот.
Ако е за некава утеха, ваквата објава на Икс не наиде на одобрување. Покрај малубројните коментари со поддршка за срамниот натпис, како: Оваа земја се разбуди во пеколот, алхамдулилах, Легендарни трговци на Бејазит ,Евреите не се луѓе, најголем број од коментарите на турските корисници на социјалната мрежа се со осуда на ваквиот чин на нивните сограѓани.
– На профил треба да ставиш слика од Хитлер, расист фашист,
– Не може да направи разлика помеѓу државата Израел и Евреите меѓу сите книги,
– Ова ме потсетува на земја во 1930-тите,
– Зарем ова не е расизам?,
– Легендата е расистички чин, да. Нема со што да се гордееме,
– Срамно, срамно и одвратно! Нема што повеќе да кажам, тогаш како светот да не мисли дека нашиот турски народ не е неук?,
– Какви глупости се ова?Зошто народот плаќа за глупостите на израелската влада?
– Ова е расизам,
-Голема срамота е за турските граѓани кои живеат на овие земји 500 години. Тие со години плаќаат даноци и ги исполнуваат своите граѓански обврски,
– Голема срамота е да се дискриминира нашиот народ поради оваа или онаа причина.Се чини дека овој срам ве прави среќни,
– Беше толку одвратно. Се срамам за мојата земја
– Бездушен, непочитуван и злонамерен.
– Вистинските Турци отсекогаш биле и ќе бидат пријатели со Евреите.
– Многу срамно! Создателот е ист- се дел од коментарите кои го осудуват, како што самите велат „срамниот“ чин на расизам.
Во друго видео објавено на Икс, се гледа како во чаршијата во Истанбул на земја е фрлено израелското знаме кое минувачите со задоволство го газат.
Ова е антисемитизам, а не поддршката на борбата на палестинскиот отпор, пишува во коментар на објавата.Истовремено, акциите на берзите во Истанбул паднаа за 7% во средата, што трговците го припишуваат на коментарите на Ердоган за Хамас
Драган Мишев (ЦивилМедиа)