Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, на денешната собраниска седница остро го нападна премиерот Христијан Мицкоски, барајќи од него одговори околу улогата на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ во трагедијата во Кочани, каде во пожар загинаа 63 лица.
Според Апасиев, „Рубикон“ не е обична агенција, туку паравојска создадена веднаш по локалните избори во 2022 година, со цел да го замени влијанието на фирмата СГС на Мијалков. Тој тврдеше дека веднаш по основањето, агенцијата почнала масовно да добива тендери од општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, но и од училишта и јавни институции. Како примери ги наведе гимназијата „Орце Николов“, училиштето „Кочо Рацин“ и гимназијата „Марја Склодовска Кири“, за кои, според него, биле исплатени десетици илјади евра за обезбедување.
Апасиев посочи дека вистински сопственик на „Рубикон“ е Александар Нацев – поранешен директор во времето на Никола Груевски, делегат на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово во 2017 година и поранешен кандидат за градоначалник на Пробиштип. Нацев, рече тој, во 2019 година бил пријавен и за злоупотреба на службена положба со штета на буџет од 30.000 евра, а денеска води луксузен живот плаќајќи по хотели и ресторани.
Пратеникот од Левица потсети и на јавната изјава на Мицкоски дека „ако постои еден доказ дека агенција за обезбедување е поврзана со ДПМНЕ, ќе си поднесе оставка“. „Еве ви ги доказите, господине премиере – дали сега ќе си поднесете оставка?“ – го праша Апасиев, додавајќи дека трагедијата во Кочани ќе остане црна дамка која премиерот нема да може да ја избрише до крајот на животот.
Со овој настап, Апасиев повторно го отвори прашањето за поврзаноста меѓу владејачката партија и приватните агенции за обезбедување, обвинувајќи ја власта за системска корупција и партизација.