Силна зимска бура ја зафати територијата на Соединетите Американски Држави, оставајќи зад себе најмалку седум загинати лица, стотици илјади домаќинства без електрична енергија и илјадници откажани летови.
Според американските медиуми, екстремните временски услови се протегаат од Тексас до Нова Англија, а Националната метеоролошка служба предупредува на „услови опасни по живот“.
Најмалку две лица починале од хипотермија во Луизијана, додека смртни случаи поврзани со студот се пријавени и во Тексас, Тенеси и Канзас. Во некои делови од земјата температурите паднале далеку под нулата, а мразот и снежните наноси предизвикале сериозни проблеми во сообраќајот.
Според податоците на порталот poweroutage.us, повеќе од 800.000 домаќинства останале без струја до неделата попладне. Истовремено, платформата FlightAware информира дека се откажани над 11.000 летови низ целата земја.
„Арктичка опсада“ над САД
Обилните снежни врнежи и таканаречениот „замрзнат дожд“, кој веднаш се стврднува при допир со тлото, создадоа опасни услови за движење. Надлежните предупредуваат дека токму мразот претставува најголем ризик, бидејќи може да крши дрвја, да урива далноводи и да предизвика масовни сообраќајни несреќи.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, соопшти дека најмалку пет лица починале во градот, додавајќи дека причините за смртта сè уште се утврдуваат.
„Ова е потсетник дека секоја година луѓе умираат поради екстремен студ“, напиша тој на социјалните мрежи.
Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, ги повика граѓаните да останат во своите домови и да избегнуваат патувања, истакнувајќи дека станува збор за една од најстудените зими во последните години.
Вонредна состојба во повеќе држави
Во Кентаки и Вирџинија се пријавени стотици сообраќајни незгоди, додека во Канада снежното невреме доведе до откажување на голем број летови. Во провинцијата Онтарио се очекуваат и до 30 сантиметри снег.
Метеоролозите предупредуваат дека лошите временски услови ќе продолжат и во наредните денови и апелираат граѓаните да бидат исклучително внимателни.