Силна зимска бура го зафати југот и истокот на Соединетите Американски Држави, носејќи обилни снежни врнежи, замрзнат дожд и екстремно ниски температури. Невремето веќе предизвика сериозни нарушувања во сообраќајот и секојдневното функционирање, а метеоролозите предупредуваат дека најлошото допрва доаѓа.
Снег падна во делови од Тексас, Оклахома и Канзас, како и на источниот брег, најавувајќи широка зимска офанзива која, според прогнозите, ќе се прошири од Карпестите Планини до Атлантскиот Океан. Американските власти соопштија дека се работи за силен арктички бран кој ќе донесе екстремно ниски температури и услови опасни по животот.
Метеоролошките служби предупредуваат на обилни врнежи од снег, појава на замрзнат дожд и силни ветрови, што може да предизвика сериозни прекини во снабдувањето со електрична енергија и целосен сообраќаен колапс. Според проценките, речиси две третини од источниот дел на земјата ќе бидат погодени од невремето.
„Ова е навистина опасна бура“, изјави метеорологот Џејкоб Ашерман од Центарот за предвидување на времето во Мериленд, предупредувајќи дека условите се исклучително неповолни и дека граѓаните треба да бидат максимално претпазливи.
Поради сериозноста на ситуацијата, најмалку 16 американски сојузни држави прогласија вонредна состојба, меѓу кои и Тексас, Њујорк, Вирџинија, Северна и Јужна Каролина, Џорџија и Канзас. И главниот град Вашингтон донесе одлука за воведување на вонредни мерки, со цел побрзо справување со последиците од невремето.
Силната бура веќе предизвика нарушувања во авиосообраќајот, а големите авиокомпании ги предупредија патниците за можни доцнења и откажувања на летови. Надлежните служби апелираат граѓаните да ги следат официјалните соопштенија и да избегнуваат непотребни патувања, особено во подрачјата кои се најмногу погодени.
Според американските медиуми, ова е една од најсилните зимски бури што ја погодиле земјата во последните години, а последиците ќе се чувствуваат и во наредните денови, со температури далеку под просекот за овој период од годината.