На денешната конференција по повод одбележување на 75-годишнината од формирањето на Алијансата „НАТО – 75 Години единство, соработка и колективна одбрана: Безбедносни предизвици за Европа“, беше речено дека македонската Армија ќе се поднови со нови оклопни возила.
Според министерот за одбрана Владо Мисајловски, Македонија како земја членка на НАТО, има обврска да ја модернизира Армија, односно да ја развива лесната пешадиска баталјонска група.
„Следната година не очекуваат многу проекти, меѓу кои да го реализираме договорот со САД за лесни оклопни возила. Тоа е еден од подобрите проекти за кој треба да се одвојат сериозни средства од буџетот. Тоа се ЏЛТВ возилата и страјкерите, од кои еден дел се пристигнати а наредната година треба да пристигнат сите. Овие возила ќе бидат голем придонес за Армијата. Исто така, имаме повеќе договори за ПВО, за хаубици што навистина ќе помогнат во модернизација на Армијата. Како земја членка на НАТО, имаме обврска кои постојано треба да ги исполнуваме за да постигнеме и квалитативни, но и квантитативни цели. Но, сето ова е поврзано со буџет, драго ми е што за следната година буџетот ќе биде над 2 проценти, што е многу важно за одбраната, рече Мисајловски.
На конференцијата беше нагласено дека ова се сериозни вложувања во делот на модернизација, но и во делот на подобрување на човечките ресурси, со тоа што се исплаќаат сите обврски по Колективниот договор со што се подобрува духот во АРМ, како институција која ужива најголем углед во државата.
-На крајот на денот се зависи од тоа колку имате успешна Армија која сака да ги извршува целите. Затоа сме мала Армија но, сме големи во срцето, помагаме колку што можеме но ни треба поддршката и од нашите пријателите. Армијата е прва на браникот на државата. Ние ќе продолжиме максимално да инвестираме. Ќе давам максимален придонес како да ги подобрам сите услови во Армијата. Она што е најважно е да имаме што повеќе пријатели и да имаме што подобар однос со сите членки на ЕУ оти колективната безбедност во Европа е поврзана и со нашата безбеднност тука во земјата, рече министерот за одбрана.