По вторпат во Македонија, здружението АРНО и Центарот за поправки „Ништо ново“ ќе го одбележат Светскиот ден на поправки, кој оваа година се одржува на 18 октомври на тема „застарување (обсолесценција) на софтвер“. Темата за оваа година е особено значајна, бидејќи само неколку дена пред Светскиот ден на поправки, Microsoft ја прекина поддршката за Windows 10, оставајќи повеќе од 400 милиони компјутери ширум светот без ажурирања и безбедносна поддршка. Ова, според европската иницијатива Right to Repair Europe, претставува класичен пример на „софтверска обсолесценција“ — моментот кога функционални уреди се отпишуваат поради прекин на софтверска поддршка, што води до драматичен раст на електронски отпад (700 милиони кг дополнителен е-отпад) и непотребни трошоци за граѓаните и институциите.

Во овој контекст, АРНО и Центарот „Ништо ново“ повикуваат граѓани, наставници, млади и сите заинтересирани да се пријават на онлајн работилницата „Како да го одржуваш твојот компјутер – практични совети и трикови“, која ќе се одржи на 20 октомври (понеделник) во 18:00 часот, онлајн, на платформата ZOOM. Работилницата ќе ја води Проф. Д-р Бобан Јоксимоски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Учесниците ќе добијат конкретни насоки и алатки за одржување на софтверот, оптимизација на системите и безбедно користење на постари уреди. Учеството е бесплатно, преку регистрирање на овој линк.

Покрај онлајн програмата, во Центарот за поправки „Ништо ново“ ќе се одржи и креативна работилница за шиење со модната дизајнерка Ирина Тошева, каде учесниците ќе создаваат футроли за лаптопи и таблети од стар текстил. Оваа активност симболично ги спојува темите на дигитален и текстилен отпад и покажува дека поправките можат да биде и корисни, и креативни.
Во исто време, меѓународна коалиција на експерти за циркуларна економија и дигитални права ги повикува Microsoft и европските институции да ја продолжат бесплатната и автоматска поддршка за Windows 10. Организации од целиот свет можат да го потпишат отвореното писмо за поддршка на овој линк.
„Минатата година првпат го одбележавме Денот на поправки со донации и поправка на играчки. Годинава фокусот е на софтвер и дигитален отпад, па организираме онлајн предавање. Се приклучуваме и кон апелите до Европската комисија за обврзни правила за еко-дизајн и продолжена поддршка на производите најмалку 15 години.“ изјави Антонио Даниловски, координатор на ЕИЦЕЕ проектот и менаџер на Центарот за поправки „Ништо ново“

Светскиот ден на поправки е глобална иницијатива што ги охрабрува заедниците да преземат конкретни чекори против културата на фрлање и непотребното купување нови уреди. Според податоците на Open Repair Alliance, само во 2024 година се одржале над 2.000 настани во 40 земји, на кои биле поправени околу 190.000 уреди. Со организирањето на овие активности, АРНО продолжува да ја развива културата на поправки во Македонија и да создава можности за учење, споделување знаење и активно учество на граѓаните во циркуларната економија.
Активностите се спроведуваат во рамки на кампањата Breath Cleаn која е дел од проект финансиран од Германската Сојузна Влада преку Поддршката за климатски дијалог во рамките на Регионалното климатско партнерство со Западен Балкан, наложена од Сојузното министерство за економска соработка и развој (Bundesministerium für wirtschaftliche Zusammenarbeit und Entwicklung (BMZ)) и спроведена од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ North Macedonia) GmbH.